„Повод за денешната средба на владините коалициони партнери беше реафирмација на стратешките приоритети за справување со последиците од глобалната криза. Граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари. Затоа во овој период тие очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес.
Денес, усвоивме и потпишавме Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнис секторот во услови на глобална криза. Целта на оваа Декларација е да даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна.
Оттука, сите заеднички заклучивме дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните туку ќе ги продлабочат. Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.
За нашиот евроинтеграциски процес ги реафирмиравме позициите дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот парламент. Ja реафирмиравме и нашата посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство со Република Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите.
Конечно, целосно ги отфрламе деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повикуваме да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом.
Политичкиот дијалог со опозицијата треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамки на демократски избраните институции околу прашањата од највисок национален интерес.
Легитимно право е на опозицијата да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава. Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби. Заеднички поминавме низ многу премрежја, ќе ги пребродиме и следните предизвици, бидејќи имаме план, знаење и силна волја.
Продолжуваме понатаму, цврсто, силно и одлучно!“, изјави премиерот Ковачевски.