Ковачевски-Курти: РС Македонија го поздравува ЕУ предлогот за нормализирање на односите Косово-Србија

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска на маргините на Економскиот форум кој се одржува во Скопје, одржа средба со косовскиот премиер, Албин Курти.

 

 

На средбата се дискутираше за повеќе теми, меѓу кои за напредокот на взаемната соработка, како и идните чекори за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји.

 

 

Премиерот Ковачевски му пренесе на неговиот косовски колега, Курти дека Република Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и е подготвена за давање придонес во таа насока, како и дека активно го поддржува учеството на Косово во различни регионални формати на соработка. Премиерот, исто така, го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на ЕУ предлогот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, со што ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целост.

 

 

Тој нагласи дека отворените прашања треба да се решаваат низ дијалог и ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ да го помогне процесот, особено во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор.

Двајцата премиери заеднички констатираа задоволство од нивото на економска соработка, а се зборуваше и за можностите за реализација на заеднички проекти во различни области.