Ковачевски: Среќен почеток на новата учебна година

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на сите ученици им посака среќен почеток на новата учебна 2022/23 година. 

,Драги првачиња, драги ученици, 

Пред вас е првиот училиштен ден од новата учебна година.

Ви посакувам успешен почеток, да стекнете многу нови знаења и вештини и секако ви посакувам многу нови другарства кои ќе траат цел живот. Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот кои се клучни за понатамошниот личен развој. Бидете другари и помагајте им на оние кои не можат да постигнат сѐ сами. 

Верувајте во себе и во постигнатите резултати и никогаш не се откажувајте од зацртаните цели. Не заборавајте дека образованието е една од најважните инвестиции во животот. 

Честитки и за родителите и старателите чии деца за првпат оваа учебна година седнуваат во училишните клупи во основните и средните училишта. Со вложувања и реформски процеси, ние како Влада интензивно работиме на подобрување на образовниот систем во Република Северна Македонија, со што обезбедуваме квалитетно и достапно образование за секое дете. Со вработување на образовни асистенти им даваме поддршка и вклучување во редовната настава на децата со посебни потреби. Градиме нови училишта  ги реконструираме и модерно опремуваме веќе постоечките и го модернизираме нашето образование.  

Честитки и до наставниците за првиот ден од новата учебна година . Вие сте клучот за квалитетно образование. Од вашиот ангажман, зависат постигнатите резултати кај учениците. Затоа бидете нивна поддршка, инспирација и поттик во создавањето на индивидуи кои утре ќе бидат движечката сила и умот на државата. 

Продолжуваме и понатаму  да го јакнеме  наставниот кадар за кој од септември предвидовме покачување на платите, но и континуирани обуки за новите наставни програми. Вложувањето во образованието значи дирекна инвестиција во економскиот раст и просперитетот на Република Северна Македонија. 

Драги деца, родители и наставници останете во добро здравје и среќно на сите”, рече Ковачевски.