Градот умира! Скоро што не умрел.
Сè во него е веќе оловно-тешко, грдо, облачно,ексан магловито, влажно, мувлосано… Скоро сите прозори се валкани и сиви, а мнозинството од луѓето кои ѕиркаат од зад нив, сè уште, погрди, повалкани и посиви… И кој би допатувал за да остане во една таков град кој нема никаков свој внатрешен идентитет? Во град кој ги уништува своите најдобри и најдоблесни луѓе? Во град кој е крајно самозаљубен и арогантен во својата претстава дека е голем и важен, а е мал и неважен? Град кој е безличен, бесмислен и бессодржаен? Во место каде нашите локални политички „величини“, се перчат со својата политичка моќ, а се целосно неспособни да водат и раководат? Не, градот вака само ќе продолжи да умира.
Знаете и немо сведочите, скоро, сите, дека овој малечок суетен град е со стотици години безмилосно китен со досадни „барокни“ фасади, рекламни билборди, предизборни постери и победнички знамиња, оти непрестано се живее во една состојба на триумфалистичко самозалажување, онакво во кое со секои нови локални или парламентарни избори им се сугерира на граѓаните, селаните и малограѓаните дека токму тие треба да донесат епска победа преку која ќе се остварат сите нивни, перверзни или фантастични, соништа. Во тој, малечок и валкан град, кој секогаш живее во едно „големото историско време“, камбаните, катадневно, бијат во чест на некакви илузорни светци и во слава на реалниот криминален грабеж од црковниот и профаниот клир, а честитите и доблесните се влечкаат под овие победнички знамињата со сведнати глави, морално и финансиски скршени, потиштени, понижени, тивки, со лица жолтопроѕирни и со втонатите очи во кои има само немир и грижи, и совршено немоќни да влијаат на смртоносната бесмисленост на настаните околу нив.
И во едно такво мизерно, сосема антирационално и антихумано, време, зацапано во грдиот религиозно-суеверен мрак кој од година во година е сè подебел и сè понепроѕирен, малограѓанската и политичката необразована елита го сосекува секој поединец кој стрчи, секој кој е мечтател и визионер, секој кој се истакнал со својата работа и чесност. Секој кој има личен и професионален дигнитет и авторитет. Таквите поединци во овој завидлив град некогаш ги игнорираат, а честопати дури и „нежно-демократски“ ги остракираат и протеруваат. Сето тоа може да е лудачко самоуништување, ама нашите ситни и завидливи градски политички раководци, воопшто не се грижат за некаква смрт на градот. За нив таквата смрт е апстрактна идеа, а тие се грижат единствено за сопственото конкретно богатство. Она кое, по нивната пресметка, ќе им овозможи ним и на нивните деца, кога ќе дојде траорниот момент, да го напуштат градот кој е во претсмртна агонија и да се преселат во Сибарит.
Но, тие не разбираат дека почитта за некого е многу, многу важна работа. Можеби најважна. Оти, таа ги дели луѓето од обичната смртност и бесмртноста. Впрочем, големиот Стендал во „Црвено и црно“ прецизно запишал: „Углед!? Господине, зар тоа не е ништо? Глупаците ве почитуваат, децата ви се восхитуваат, богаташите ви завидуваат, а мудрите ве презираат.“ Овој наш град, не знае што е тоа углед. Тој тргува со човечката чест и човечките души, и пред нашите очи испарува, малку по малку го снемува истоштен од бесмислено злобните пакости и бескорисно-глупавите молитви, од крајната ситост и крајната гладост, од прикривањето на украдените златници и неправедно присвоените имоти, од величањето на злосторниците, криминалците, силеџиите, моралните инвалиди и неспособните медиокритети кои киснат по партиските штабови.
Затоа, во време кога се ближат, повторно, моменти на, саркастично кажано, „судбоносни“ одлуки, како навремено предупредување нека служи „случајот Хермодор“, за кој пишува Хераклит, а кој нашиот ненадминливо луциден Ферид Мухиќ во „Потомци на боговите“ го прекажува на следниот начин: „Ефежаните би направиле добро кога сите би се обесиле, до последен возрасен човек, и својот град би им го препуштиле на малолетните деца, бидејќи од својот град го протерале Хермодор, највредниот од сите нив, велејќи: ‘Подобро да немаме ниту еден вреден човек; но штом веќе се најде еден таков, да го избркаме нека живее кај други…’ Нека богатството не ве одмине, луѓе од Ефес, за да се види вашата расипаност и за да бидете казнети за вашите (не)дела!“
Луѓето од овој наш сиромашен град треба да се спротивстават на надоаѓачката и сеприсутна амузија, на лажните мерилата за добро и корисно, на фаворизирањето на вандализмот и вулгарноста во секојдневието… Тие, добрите луѓе од овој град, треба да сфатат дека нештата на овој свет треба да се прават не вероподанички, не со исчекување на нечие слегување од небото, туку со сопствено воздигнување од земјата кон небото, кон човечноста. Да сфатат дека нема потреба идиотски да веруваат ниту во божества, ниту во неверојатните и неможни понуди од неинвентивните политичари. Оти, градот е скоро мртов, па ако сакаат да ја зачуваат иднината на својот град, луѓето мора да почнат да инсистираат на математичка точност и логичка разумност при носењето на своите одлуки и определби, а трудољубивоста и достоинственоста да им станат не само нивни основни карактерни особини, туку и парадигми за оценување на сите околу нив.