Криптовалутите како стратегија за избегнување санкции – Алфред Марлеку

Сподели

 

Како што се покажа преку неколку примери, државите можат да користат „крипто“ за целосно да ги заобиколат економските санкции од остатокот од светот, со што го предизвикуваат традиционалниот економски и политички поредок, пишува Алфред Марлеку за Республика.

Откако беа првпат претставени, употребата на криптовалутите порасна од аспект на брзина, вредност, обем и примена.

Алфред Марлеку

Се проценува дека моментално само “биткоинот” има капитал во пазарна вредност од околу 330 милијарди долари – приближно толкава е вкупната вредност и на компанијата Мета (Фејсбук). Меѓутоа, „биткоин“ не е единствената криптовалута на пазарот. Таа е највредната, но моментално во овој сектор се смета дека има околу 10.000 алтернативни криптовалути или како што се познати како “алткоини”.

Додека употребата на криптовалути носи бројни придобивки, истражувачите идентификуваа негативни елементи кои се предизвикани како резултат на зголемувањето на нивната употреба од страна на различни државни и недржавни чинители.

Финансирање на нелегални операции

Во споредба со традиционалните валути, криптовалутите се покажаа како особено корисни и во голема мера се користат од различни терористички организации, кои на тој начин собираат донации за финансирање на нивните операции. Или дури и од криминални групи и дилери на дрога, кои продаваат забранети наркотични супстанции на Интернет, а особено во она што е познато како „dark web“. Покрај тоа, корисници на овие криптовалути се исто така одредени земји, како што се Русија и Иран, кои користат стратегии засновани на криптовалути за да ги ублажат или избегнат евентуалните штети предизвикани од економските санкции наметнати од западните земји.

Како резултат на поддршката за терористичките организации и развојот на нуклеарната програма, Иран во моментов се соочува со сериозни економски санкции од западните земји – предводени од Соединетите држави. Така, нивните банки го изгубија пристапот до меѓународниот платен систем SWIFT; странските државни или приватни средства се замрзнати или запленети; извозот на нафта – нивниот главен производ – е под санкции, а увозот и извозот на оружје е максимално ограничен. Со цел да ја одржи виталноста на својата економија, Иран мораше да истражува алтернативни начини за избегнување на санкциите или во најмала рака да ја амортизира нивната штета.

Главниот елемент на стратегијата на Иран за донекаде да го ублажи ефектот на меѓународните економски санкции се потпира на националните мултимилионски напори за ископување криптовалути. Иран лиценцираше специјални субјекти (фирми) да „ископуваат“ криптовалути користејќи поволни цени на електрична енергија.

Извор: pexels.com

Општо е познато дека „ископувањето“ на криптовалутите предизвикува огромна потрошувачка на електрична енергија. Нудејќи поволни услови во овој поглед, Иран стана привлечен и за многу домашни и меѓународни субјекти кои се занимаваат со „ископување“ на криптовалути. Така, кинеските компании од овој сектор го зголемија своето присуство во Иран, особено откако Кина го забрани „ископувањето“ на криптовалути.

Со оваа акција Иран успева да ги претвори своите замрзнати нафтени резерви во странска валута. Само во 2020 година, Иран успеа да конвертира околу 10 милиони барели сурова нафта – што сочинуваше околу 4% од нивниот вкупен извоз за таа година – во вредност од над 1 милијарда долари во “биткоини”.

Сепак, Иран не може целосно да го избегне негативниот ефект од санкциите со кои се соочува. Како и да е, нивниот ограничен успех ги охрабрува другите земји кои се соочуваат со слични предизвици.

Анексијата на Крим во 2014 година, проследена со целосна инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, ја остави Русија да се соочи со голем број меѓународни санкции. На руските банки не им е дозволено да го користат системот за меѓународни плаќања SWIFT, замрзнати се околу 600 милијарди американски долари средства што се чуваат во странство, а извозот на нафта е забранет од САД и ограничен од повеќето европски земји. Иако овие економски санкции не го променија однесувањето на руската политика кон војната во Украина, тие предизвикаа значителна економска штета.

Амортизирање на штетата од економските санкции

Меѓутоа, слично како Иран, Русија исто така применува стратегија заснована на криптовалути за донекаде да ја амортизира евентуалната штета предизвикана од меѓународните економски санкции. На почетокот, Русија беше резервирана и многу претпазлива во однос на употребата на криптовалути, сметајќи дека е првенствено инструмент за перење пари и финансирање тероризам.

Меѓутоа, во меѓувреме, ставот на руските власти драматично се промени. Криптовалутите сега се сметаат од Русија како многу погодна алатка за ублажување на ефектите од санкциите. Во оваа насока, неколку руски нафтени компании веќе градат центри за крипто-рударство, а руската централна банка работи на развој на национална криптовалута заштитена од санкции која би можела да послужи како алтернатвна криптовалута поради немањето пристап до меѓународниот платен систем SWIFT.

Како Иран, така и Русија е земја богата со гас и нафта. Од таа причина, една од главните цели на санкциите беше токму извозот на овие производи. Една од најголемите нафтени компании поддржана од државата, “Газпромнефт”, на меѓународен форум што се одржа во Санкт Петербург во 2022 година, најави дека тесно ќе соработува со компанијата “Битривер” која се занимава со „ископување“ на биткоини, со цел да се зајакнат центрите за „ископување“ на криптовалути во Русија.

Сепак, во случајот со Иран, така и со Русија, се чини дека криптовалутите се недоволна алатка за Русија да ја заобиколи или доволно да ја амортизира штетата предизвикана од тешките економски санкции наметнати од западните земји.

За позначајно ублажување на санкциите, на Русија ќе и треба поголем обем на трговија на пазарот на криптовалути, што е практично невозможно кога се зема предвид недоволниот обем на тргување со криптовалути бидејќи, за разлика од конвенционалните пари, криптовалутите имаат одредено ограничување што се однесува до тргувањето.

Сепак, податоците откриваат континуиран тренд на употреба на криптовалути од страна на земјите кои се соочуваат со меѓународни санкции. Освен тоа, фактот што Русија ја копира стратегијата на Иран за претворање на замрзнатите нафтени средства во валута преку процесот на „рударење“ покажува дека земјите кои се соочуваат со строг режим на економски санкции учат една од друга додека продолжуваат да бараат нови алтернативни начини за заобиколување или барем ублажување на евентуалните ефекти од санкциите.

Ова ќе ја зголеми нивната самодоверба да водат деструктивна политика на меѓународната сцена и во исто време ќе ја намали способноста на државите и другите меѓународни институции да влијаат врз промената на однесувањето на државите преку економски санкции.