KУРЦ: ЕУ НЕ СМЕЕ ДА ЗАВИСИ ОД ТУРЦИЈА!

Сподели

kurc

Министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, остро ја критикуваше Анкара, порачувајќи дека не сака да се потпира на спогодбата меѓу ЕУ и Турција за бегалците, туку дека е неопходно конечно да се обезбедат границите на Унијата.

Во интервју за виенскиот дневник „Естерајх“, Курц вели дека бранот чистки после обидот за воен удар во Турција продолжува, како и застрашувањето на опозицијата, додавајќи дека тоа е потполна спротивност со европските вредности и дека тоа ниту може, ниту смее да се прифати.

Во врска со тоа го повтори ставот дека не смеат да се отвораат нови поглавја во пристапните преговори со Турција.

„Според мое мислење, за Турција нема место во ЕУ“, порачува Курц.

Тој објасни дека шефовите на државите и владите се задолжени за одлуката за прекин на преговорите, а дека шефовите на дипломатиите се задолжени за отворање на нови поглавја, а за ова нивниот став е потполно јасен.

Курц укажал дека секогаш предупредувал дека ЕУ не смее да се доведе во состојба да зависи од Турција.
„ЕУ не смее да биде подложна на уцени. Договорот со Турција секогаш го гледав како план Б, а планот А мора да биде ефикасна заштита на надворешните граници, уверен е тој.

Курц бара зајакнување на европските служби за заштита на границите, како и крајбрежните стражи, како и тоа дека сите 28 членки на ЕУ мораат да ги поддржат тие институции со пари и луѓе.

Исто така, смета, дека е неопходен и јасен политички став дека некој којшто илегално ќе тргне на пат во Европа нема да биде така лесно пропуштен, туку дека ќе биде запрен на надворешните граници и што е можно
побрзо вратен во неговата татковина.

Илегалците, според неговите зборови, би требало да бидат сместени во центрите на островите на надворешната граница или во трети земји.