Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека Русија не сака да започне војна со Украина, пренесува Ројтерс.
„Ако зависи од Руската Федерација, нема да има војна. Не сакаме војни. Но, нема да дозволиме нашите интереси грубо да се газат и да се игнорираат“, рече рускиот министер Лавров.
Изјавата на рускиот министер доаѓа откако на 26 јануари САД и НАТО официјално одговорија на руските барања за спречување на натамошното ширење на Алијансата кон истокот, коишто за земјите-членки на НАТО се неприфатливи.
Сепак, Вашингтон во својот одговор остави простор за „ дипломатски пат“ за решавање на кризата, но и додавајќи дека ќе следат економски санкции ако Русија ја нападне Украина.
Лавров изјави дека официјална Москва во моментов ги разгледува доставените одговори од САД и НАТО, но и додаде дека следниве недели очекува повторно да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.