Едукацијата на младите во средните училишта во нашата држава речиси целосно се базира на предавање на предвидениот материјал во облик на факти и податоци. Затоа, многу од средношколците сметаат дека научените информации кои се учат во училницата, многупати немаат примена надвор од неа.
Ова претставува важен фактор во ниската активност на младите во заедницата: само 12% од младите волонтирале во организација на заедницата, граѓанска организација или локална самоуправа (Наванти, 2019), а дури 7 од 10 млади (69%) се опишуваат себе си како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството (Фондацијата Вестминстер, 2019).
Во насока на поттикнување на ангажираноста на младите во својата заедница, Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во рамки на проектот „Youth are AllRight“, вклучи 10 средношколски тимови кои ќе спроведат свои проекти базирани на едукативниот модел наречен, Service Learning (служба за заедницата).
Service Learning (служба за заедницата) е едукативен пристап каде што ученикот ја поврзува теоријата и знаeњата стекнати во училишните клупи преку конкретна активност и проект кој е наменет за влијание во општеството.
„Запознаени сме со недостатокот на реална пракса во наставата. Токму со помош на методот на Service Learning се постигнува практична примена на теоретското знаење стекнато кај учениците за време на наставата, додека во исто време даваат придонес кон заедницата“, Илија Станковски, Програмски директор на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој.
Вклучените средношколски тимови ќе добијат тренинг за јакнење на нивните капацитети и доработка на нивните проекти, а потоа во период од три месеци истите ќе ги реализираат, со финансиска поддршка од 12.000 денари по тим.
Податоците од земјите во Европска унија и светот каде што е застапен овој едукативен метод, покажуваат дека студентите кои учествувале во Service Learning проекти имале повисоки оценки и подобар успех, во споредба со нивните врсници кои не се занимавале со Service Learning, истите имаат поголема веројатност да гласаат, да волонтираат и да се вклучат во други форми на граѓанско учество, но и имаат поголема веројатност да завршат средно училиште, да се запишат на факултет и да се стекнат со универзитетска диплома.
Во рамки на проектот „Youth are AllRight“ средношколските тимови ќе реализираат проекти насочени кон заедницата со кои ќе придонесат кон подобрување на академските перформанси кај лица со попречености од страна на учениците, ќе ја зголемат дигиталната едукација кај пензионери и стари лица, ќе понудат медицинска помош кај локалното население, ќе спроведат акции за чистење на локалните паркови и ќе придонесат кон урбанизација на дворови кај лица кои не се во можност сами да го направат тоа.
Проектот YOU(th) are ALLRIGHT! е поддржан од Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ (МГО), програма за директна поддршка на граѓанските организации започната во рамките на проектот финансиран од ЕУ: Tехничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во РС Македонија.