Лудачко танцување – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Да бевме малце попаметни, сега ќе славевме 20 годишно членство во ЕУ со стабилна економија и младите дома

 

Мерсел Биљали

Во книгата „Време за играње, време за умирање“, историчарот Џон Валер ги опишува чудните случувања во Стразбур во 1518 годна. Имено, едно утро извесна Мадам Трофеа почнала диво да танцува по улици. Без одмор и без причина, но со полна енергија играла со денови. За неколку дена, на танцувањето без причина биле приклучени бројни жители, за по еден месец бројката да стане масовна. Дека не се работи за некаков шегаџиски изум, покажува фактот што епидемијата во детали е забележана во бројните црковни записи од тоа време, потоа евиденции од градски хроники, а и во документите на градскиот совет на Стразбур. Поради голема исцрпеност што и денешни маратонци не би изржале, умирале многу луѓе, а и цели семејства. Мртви лежеле по улици оти смртта демнела зад секој агол, ама танцот не престанал.

Едни тогаш тоа го толкувале како Божја казна поради гревовите, а други пак како казна за славење на ѓаволот! Денес лекарите имаат различни теории за таа појава – од масовна хистерија, до тифус или колективно труење со мувла чиј нуспроизвод е ЛСД (а расте на ‘рж и други житарки).

И ние денес како да имаме мувла во главата и живееме со лудоста. Секој ден танцуваме навидум среќни, а во длабочината на душата тажни, оти ни избегале најмилите на сите страни на светот. Изгледа насекаде по светот им е подобро отколку во нивната татковина, каде што единствено среќни суштества се едни ситни политичари со ситни души, кои секој ден продолжуваат со продажба на евтин и примитивен патриотизам. И затоа нашиве млади ги има фатено висока далга наречена егзодус, полош од тој средновековен масовен танц. И сега што и да кажете на оваа теме наликува на песна во чаршија на глуви.

Што е најлошо, овдешни политичари без грам совест и срам, овдешниот егзодус го оправдуваат со тоа дека насекаде на Балканот ти било исто. И дека тоа ти бил светски тренд. Но, ево што вели статистиката од познати демографи за исселувањето на младите до 35 годишна возраст во последните 20 години, на индекс 1000 жители! Од Црна Гора се иселија – 92 млади, од Хрватска – 215, од Србија – 283, од Албанија – 290, од БиХ – 291, а од Македонија – 402 млади. Треба да се напомене дека апсолутен евроспки рекорд држи северо-западниот регион на државата каде што индексот е 603 млади. Но, последниве години процентот интензивно се зголемува и во централниот и источниот дел од државата. Така, ние продолжуваме лудо да танцуваме додека ни умираат цели села и градови, а политиката никогаш не дозволи искрено да се пребројуваат луѓето во нив. Оти ќе се увиди дека царот бил сосема гол. А поради такви цареви тука цвеќиња добивале само мртви. А танцувањето продолжува со се помал број танчери. Со години го следевме ѓаволот и еве стасавме до пеколот. Потоа тој не напушти оти сфати дека самите знаеме да го направиме пеколот.

Додека самонаречената европска опција се „залагала“ за Европа со видно антиевропски вредности, другата опција ги „штитела“ луѓето од тнр. бугаризација со принудување да бараат бугарски пасоши. А третите опции се полни со празнини во безидејноста. „Што клетва не снашло“ – од сите страни се слушаат безнадежни лелекања што извираат од длабочината на душата поради болката за најмилите чеда и внуци. А гладни хиени настојуваат да им ја испијат и последната капка крв на преостанатите. А пак некои, дали поради лудило или страв од поголемо зло, продолжуваат безнадежно да танцуваат.

Во 1996 година, меѓу сите држави од источна Европа – Полска, Чешка, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Украина, Молдавија, Словенија, Хрватска, Aлбанија, БиХ, Србија (која ги држеше Црна Гора и Косово), Бугарија и Романија – реално Македонија беше втора по европски барометар, веднаш зад Словенија. Тогаш единствен проблем ни беше името оспорено од Грција. Наместо да најдеме решение што тогаш се бараше со некакви додавки, тогашното водство направи да станеме заложници на примитивен патриотизам и да загубиме многу години, многу луѓе и цела иднина. Да бевме паметни ќе станевме членка на ЕУ уште во 2004 година заедно со Словнија. Сега ќе славевме 20 години членство во ЕУ. Не се вели за џабе – пред да тргнете во потрага по среќата, треба да проверите, можеби веќе ја имате!

Наредната шанса беше прокоцкана од Груевски, кој уфрли турбо фалс патриотизам од инает на Грција. А додека Бучковски беше премиер до 2006 година, тој видно ја смири топката со Грција со помош на САД, и сите параметри беа во насока дека Македонија ќе стане членка на ЕУ во 2010 година, ама со временото име „ПЈРМ“ за надворешна употреба. Ако не го сакате можното, ќе го добиете невозможното.

Сега, млади во цутот на животот ја напуштаат својата безнадежна „патриотска“ татковина, која повеќе се грижи за мртвите предци отколку за сегашните и идните живи. Тоа е политика заснована на вековни гробишта! За потоа криминалот и корупцијата да ни станаат елитни вредности, а политичари да се натпреваруваат кој ќе понуди повеќе минато, наместо иднина!

Не е европска вредност катастрофалното судство, башка со тој Судскиот совет што не брука сите нас. Не европска вредност умноболната партизација на секоја институција кои се финасираат од сите граѓани! Не e ниту африканска вредност ако газите по мерит-систем како клуч за секој развој. Kога 40% oд плодното земјиште е непосеано (а Полог дури 70%)! Тоа го нема никаде на целиот свет!

На државата не и е потребно ниту лажен патриотизам ниту лажни интеграции. Таа има потреба од динамичен развој, од функционален систем, од иницијативност, од инструкции. Бројни академици добиваат огромни хонорари само за да поддржуваат незнаење и непотизам. Луѓето им се потребни стручни совети и инструкции. Имаат потреба за иницијативност што никој не го прави. Секое село треба да има своја мала фармерска и мала индустриска зона која гратис ќе им се нуди на тиа што би инвестирале, колку и да е мала инвестицијате. На државата и треба продуктивна работа, а не трома и паразитска администрација. Луѓето имаат потреба за информации и помош како до европски фондови. Како држава директно да им помогне во производството. Луѓето повеќе имаат потреба за совети и инструкции отколку за пари фрлени во ветер. Огромни странски компании милијарди евра земаа субвенции и си заминаа! Не случајно сега сме последни, не само во регионот туку и во цела Европа. Потоа се лутиме што Светската Банка не рангира на последно место. Ќе продолжиме ли да танцуваме околу огинот на ѓаволот!?