И Македонија достави еднострана изјава за јазикот до ЕУ, која ќе биде приложена кон записникот од првата политичка меѓувладина конференција, откако претходно тоа го направи и Бугарија. Во изјавата се наведува дека како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на РСМ на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
„При склучувањето на било какви договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите треба да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти“, стои во изјавата за јазикот.
Таму е наведено и дека во текот на преговорите и до нивното завршување и по приемот во ЕУ, земјава нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ.
Вчера и Бугарија достави едностраната декларација за македонскиот јазик. Во неа се наведува дека создавањето на „македонски јазик“ е направено врз основа на бугарскиот литературен јазик, збогатен со локални форми, со што се симулира „природен“ процес заснован на дијалектна форма.
Во бугарската декларација е наведено дека секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави, на ЕУ и нејзините институции, органи, служби и агенции треба да биде сфатено строго во согласност со Уставот на оваа држава и во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонски јазик“.