Со 62 гласа „за“, од вкупно 111 пратеници, колку што гласаа Собранието на Република Македонија вечерва, неколку минути пред полноќ, ја избра новата Влада на чело со премиерот Зоран Заев. Новата влада не ја доби поддршката од 44 пратеници кои гласаа „против“, а петмина пратеници на Беса беа „воздржани“.
Новиот премиер и министрите веднаш по изборот дадоа заклетва со која се обврзаа дека функцијата ќе ја вршат совесно и одговорно и ќе ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија и ги потпишаа свечените изјави.
Претседателот на Собранието Талат Џафери го констатираше престанокот на мандатот на членовите од претходниот владин состав.
Пред главниот влез на Собранието група поддржувачи на СДСМ и припадници на „Шарената револуција“ министрите и Заев ги пречекаа со повиците „победа, победа“ и „Шутка не ти бега Никола.”