Што ќе добијат Албанците ако се изборат да бидат еднакво обесправени со Македонците
Прво, некои големи автентични Македонци и Албанци одамна залегнати на придобивките од власта беа многу загрижени зошто Албанци гласаат за македонска партија. Како да си им брцнал и во око и во џебот. Потоа, некои Албанци и Македонци беа ептен разочарани зошто Албанци станаа јазиче на кантарот на најневеројатниот и најтесен изборен резултат во Македонија.
Веднаш потоа некои Македонци и Албанци кога се обидоа безуспешно да курдисаат нова влада и парламент разбраа зошто некои Македонци сакале 63 пратеници, а некои Албанци сакале да извојуваат убедлива победа над другите Албанци, па топтан заедно да имаат над 80 пратеници за се’ да остане исто како и во изминатите десет и пол години на владеење без контрола кога дефинитивно е заробен и оној дел што остана од државата. Ова е главната одлика што го одбележува крајот од ерата на груевизмот кога најголемиот број граѓани, освен брзо збогатениот партиски естаблишмент и поданиците на власта, се прилично еднакви само во сиромаштијата и во стравот пред правдата на посилниот и на режимот.
И додека во шок вистинските по род големи Македонци и Албанци ги бараа домашните и странските непријатели и ги жигосуваа како говеда национално неосвестените изроди подложени на асимилација и предавство, стаса најновото истражување кое предизвика паника и повик на тревога не само кај патриотите Албанци и Македонци, туку и кај оние кои имаа некоја демократска и граѓанска маска на лажни борци за еднаквост и човекови права. Истражувањето во кое верувам, бидејќи беше најблиску до вистината на изборите кажува дека Албанците на повторни избори кои би се одржале сега најмногу гласови би дале на СДСМ, повеќе отколку на која било албанска партија. А Македонците не би дале ниту еден глас за албанска партија. Штама. Потоп. Крај на светот. Некои загрижени Албанци и Македонци со денови не спијат. Штом им дадеш микрофон само ’ржат како загари кога при лов на зајак ќе им излезе мечка.
Сега кога маските паѓаат се виде дека тоа биле најголемите националисти и шовинисти, кои не можат ни за миг да помислат да и’ се случи на Македонија нешто убаво и историски значајно за првпат во целиот регион, нешто што може да ги надмине и европските стандарди. Замислете каква несреќа би било да почнат граѓаните на Македонија масовно да ги препознаваат заднините на огнените дебати и популистички говори на политичарите и нивните папагалски поддржувачи кои секоја вечер преку телевизиите ја трујат човековата околина повеќе од фабричките оџаци и автомобилите. Што би се случило ако масовно и Македонци и Албанци кажат доста не’ лажевте и ако животните интереси им станат најважни и ако почнат да ги оценуваат уште поправедно отколку на последните избори пропагандно напумпаните лидери.
Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја тука