Министерот Роберт Поповски задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Лондон имаше официјална средба со Фиона Мекилван, раководител за Западен Балкан во МНР на Велика Британија. На средбата е утврдена чистата и недвосмислена поддршка на британската влада кон реформските процеси во Република Македонија.
Реформскиот процес кој го започна Македонија е оценет како исклучителен, а утврдено е дека истиот ќе продолжи и во наредниот период. На состанокот беше дискутирано за тоа дека реформите се долг процес кој мора да се спроведе соодветно со цел да не се повторат грешките од минатото.
Министерот Поповски на средбата ги издвои реформските процеси спроведени од Планот 3-6-9, со најава на Планот 18, а посебно ги посочи концептот за отворена влада, транспарентност и отчетност како принципи кои ги практикува владата. Како што рече Поповски, Владата на Република Македонија поставува стандарди како за постојната администрација, така и за сите следни влади.
Заеднички е констатирано дека заробената држава е состојба од минатото која интензивно се менува, за што е неопходно реформите да продолжат со ист силен интензитет.
Според Мекилван, Македонија е добар пример за Западен Балкан и покажува дека со храброст и политичка посветеност промените се реалност.
Раководителката за Западен Балкан Мекилван, министерот Поповски, советникот на премиерот Марјан Забрчанец и портпаролот Миле Бошњаковски, на средбата изразија задоволство од поддршката која Сервисот за комуникации на Велика Британија ја обезбедува за Комуникацискиот сервис на Владата на Република Македонија и заеднички заклучија дека владините односите со јавност во Македонија се во функција на транспарентноста, градење на сервисни комуникациски алатки, како и социјалните промени кои се неопходни за општеството.