Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и актуелен член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, денеска точно напладне се појави во Кривичниот суд Скопје, каде, според информациите, треба да даде исказ за случајот „Трезор“ на СЈО во кој тој е еден од осомничените.
Мијалков во судот влезе од споредниот источен влез, придружуван од уште две лица.
Освен Мијалков, денеска треба да бидат сослушани и Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, и Небојша Станковиќ, поранешен помошник-министер во МВР.
Петнаесетина минути пред да пристигне Мијалков, неколкумина припадници на специјалните полициски единици што денеска го обезбедуваат судското рочиште за „Диво Насеље“, го блокираа приодот кон споредниот влез на судот и не им дозволија на новинарските екипи да чекаат пред вратата, како што беше случај претходно.
Специјалното јавно обвинителство за Мијалков и за другите двајца осомничени во „Трезор“ бара од судот да им определи мерки на претпазливост.
Иако истражната постапка за „Трезор“ беше отворена кон крајот на септември, тројца осомничени дури денеска ќе бидат сослушани од судија на претходна постапка бидејќи СЈО бараше изземање на судијката надлежна за овој предмет поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер (братот на нејзиниот сопруг) имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена во случајот „Трезор“.
Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.