МНОГУМИНА НОВИНАРИ СО НОСТАЛГИЈА СЕ СЕЌАВААТ НА КАФЕАНАТА “БУКЕТ”?

Сподели

НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС
ГЕОРГИ АЈАНОВСКИ

13231055_1335117609837558_289193635_n

 

– Да се зборува за мојата новинарска генерација, а да не се спомене кафеаната “Букет” главното собиралиште на тогашната скопска боемштина, е исто како таа да не постоела. Беше тоа дрвена барака изградена по земјотресот, на плацот каде што подоцна се извиши новата висококатница на НИП “Нова Македонија”. Сета зачадена од испарувањата на двете нафтени печки, измешани со густиот дим од цигари, таа имаше магична моќ да ја привлече целата слободоумна интелектуална елита што во тоа време, при чашка ракија и скромно мезе, бараше мало прибежиште каде што ќе ги искаже своите внатрешни незадоволства од системот кој не дозволуваше поинакви погледи и размисли од официјално прифатените норми.

13330451_1344720408877278_525591578_n

Новинари, писатели, сликари, музичари, филмаџии и актери, од утринските до полноќните часови, се сјатуваа во ова гостопримливо гнездо, во кое гласните разговори наликуваа на вулкански изливи. Секој нешто жолчно објаснуваше, докажуваше, правдаше или критикуваше, не обрнувајќи внимание дали другите на масата го слушаат и го разбираат. Тука новинарите, вон редакциските оценки, меѓусебно анализираа одделни  новински текстови, високо го вреднуваа “храброто и неразбрано новинарство”, изложувајќи ги на критика и потсмев политички диригираните написи и коментари, формирајќи свои вредносни критериуми за слободата на творештвото во целост.

Истовремено, кафеаната беше и најпривлечна мета на одделни полициски душкала и кодоши, непресушен извор на “доверливи” информации со кои тие ги полнеа тајните досиеја за “сомнителните и непријателски велементи”. Непоканети ќе седнеа на масата, ќе порачаа една “тура” за друштвото и независно каков муабет се води, веднаш се вклучуваа со свои празни филозофски медитации, сакајќи да остават впечаток на високи интелектуалци. Притоа, неизбежно наметнуваа некоја провокативна тема од интерес за нивната служба, свесни дека под дејство на алкохол некој од присутните соговорници ќе си ја олесни мачнината на својата душа. Ние добро ги знаевме нивните намери и штом ќе ги забележавме дека се приближуваат, брзо го пренасочувавме разговорот во друг правец. Всушност, тие и не криеја дека по службена должност се определени да ги следат “состојбите” во новинските куќи, во кои влегуваа и излегуваа како да се дома.

Мојот драг пријател Георги Божиков-Жоро, познат оперски пејач, со кого минувавме пријатни часови во кафеаната, изнервиран од нивното присуство, знаеше гласно да извика: – Аман друже Тито, куртули не од овие напасници!

А Тито се викаше еден од келнерите, кој што поради своето име, често запаѓаше во комични ситуации. Така, редовен гостин во “Букет” беше уредникот на ТВ Скопје, Сталин Лозановски и кога тој ќе сакаше нешто да порача, целата кафеана ќе извикаше на глас: – Тито, срамота е да го служиш Сталин, ќе одговараш политички!

Незаборавни се и часовите поминати со големиот театарски актер Ристо Шишков. Единствено тој со својот глас можеше да ја надвика вревата во кафеаната. Пргав и бунтовен во карактерот, Шишков го зборуваше тоа што многумина го криеја во себе. Бидејќи двајцата бевме родум од Егејска Македонија, не пропушташе прилика судбината на егејските Македонци да ја спореди со улогата на “мунгосите” донесени на преспанскиот остров “Голем град” за уништување на змијарниците. Неговите алузии се однесуваа на положбата на Егејците, кои што по Граѓанската војна во Грција и нивното префрлување во Македонија, претежно беа населени по селата и градовите на западна Македонија, со цел да ја спречат наездата на албанското население во тие краишта. Голем број од партизанските единици од Егејска Македонија, беа употребени за борба против остатоците на фашистичките качачки банди што вршеа терор и грабежи врз македонското население. За своите неприкриени патриотски чувства, кои што отворено и јавно ги манифестираше, Шишков беше неправедно наклеветен дека шири националистичка нетрпеливост, поради што беше суден и спречен да игра главни улоги во повеќе театарски претстави.

Претходно, извесен период беше директор на Драмата на Македонскиот народен театар и соочен со процедурите на тогашното “работничко самоуправување” одбиваше да присуствува на седници на “работничкиот совет”. Велеше: – Ебати го тој театар каде што за неговиот репертоар и избор на артисти одобрување треба да барам од шоферите и чистачките!

Меѓу пријателите, иако постари, со кои наоѓавме интересни теми за разговор беа професорот Круме Кепески, авторот на првата македонска граматика и омилениот детски писател Волче Наумчевски. Кепески ни ја доловуваше сликата за Прилеп во војната, откривајќи многу детали за првите востанички акции против бугарските окупатори и за плејадата борци и херои од овој град што ги положија животите за македонската слобода. Секогаш неправедно ставен во сенка, во однос на професорот Блаже Конески, како основач на современиот македонски јазик, Кепески не можеше да сфати и да разбере зошто ретко се споменува и вреднува значењето на првата македонска граматика, која беше основа за натамошниот развој на образовниот процес. Тоа беше повод да објавам во “Вечер” разговор со него, посветен на 20-годишнината од излегувањето на граматиката.

Со детскиот писател Волче Наумчевски, ретко зборувавме за неговото литературно творештво, ама отворавме “морски дискусии” за неговите непризнати пронајдоци. Сите се восхитувавме од неговите самообразовни познавања на астрономијата, тетнологијата, хемијата и физиката. Тврдеше дека еден ден водата ќе стане основна енергија на човештвото и ракетите во вселената ќе се движат со помош на водородот. За таа цел, дома правеше опасни експерименти со ракети што самиот ги конструирал. Еднаш од балконот на својата куќа истрелал од една таква ракета, ама таа експлодирала во станот на соседот што живеел под него. Бидејќи слични експерименти вршел постојано, преку куќниот совет на зградата било побарано од полицијата да му се забрани понатаму да се занимава со експерименти. Исто така работеше на откривање на инструмент што ќе најави појава на земјотрес. На стрелките на посебен аларм, кој реагирал со звонење при најмало поместување на стрелките од бусолата. Тој апарат го држел покрај својот кревет па, се случувало по улицата да помиие некој товарен камион и од неговиот потрес да се активира алармот, а Волче да ги разбуди своите со повик: – Бегајте, доаѓа земјотрес.

Разбирливо, ние со недоверба ги слушавме неговите објаснувања за експериментите што ги врши но, тој не се предаваше така лесно: од џебот ќе извадеше некое писмо добиено од советскиот космички истражувачки центар во кое го известуваа дека ги примиле со внимание неговите “интересни размисли” и дека му се заблагодаруваат на соработката. За Волче, тие писма значеа потврда дека е “на вистинскиот пат” и дека еден ден неговите откритија ќе станат стварност.

Во кафеаната “Букет” можевте да чуете идеи за големи ненапишани романи, сценарија за филмови, изложби кои што нивните автори се токмат да ги реализираат но, засега се уште рамислуваат каде и кому да ги понудат за издавање.

Ликовните уметници, Младен Туниќ, Ацо Каевски, Александар Цветковски, вработени како илустратори на детските списанија на “Детска радост” придружени од своите колеги слободни уметници Драган Биков, Драган Поповски-Дада, Трајче Јанчевски, Глигор Чемерски и други, знаеја во своите долги кафеански седенки да доловат своевиден боемски амбиент кој што полека но, сигурно, исчезнуваше од скопското секојдневие. Една по една, пред налетот на брзата и современа градба, се уриваа старите и познати кафеани во кои што повоените генерации ја минуваа својата младост. Таква судбина доживеа и “Букет”: зачадената дрвена барака се пресели во нашите сеќавања како средиште и сведок на еден непресушен творечки живот, кој што паралелно се одвиваше крај суровото сивило на времето кое беше приковано во место и не поттикнуваше поголеми оптимистички надежи.

Сметам дека сеќавањата за “Букет” би биле нецелосни и осиромашени доколку не се спомене името на легендарниот новинар Бранко Заревски, за кого дрвената барака беше речиси негов прв дом. Од раните утрински часови до полноќта тој неуморно ги празнеше винските чаши, рецитирајќи стихови од најголемите руски поети.

Бранко беше еден од најмаркантните претставници на повоената скопска боемштина, за чии бурни деноноќија се прераскажуваа неповторливи доживувања. Бидејќи со својата плата не можеше да покрие ни половина од неговите кафеански цехови, весело се прикажуваа сцените кога секој први во месецот редица од келнери од разни скопски ресторани залудно чекаа пред редакциската каса да наплатат барем дел од неговите вересијски долгови. За тоа време, седнат на челната маса во “Букет”, Заревски со сериозен поглед ги уверуваше насобраните келнери дека идниот месец ќе им биде надоместен стариот долг но, заедно со новиот што во меѓувреме ќе го направи во нивните кафеани.

И неговиот именак Бранко Варошлија, писател и театарски драматург, исто така боемски самотник, придружен од своите новинарски колеги Верољуб Андоновски, Свето Серафимов, Ѓоко Поповски, Столе Спирковски, Марко Черепналковски, редовно беше меѓу последните гости што ја напуштаа кефеаната, по принудното гаснење на светилките од страна на преморениот персонал.

Како што веќе спомнав, бидејќи новинарските плати беа недоволни за да се излезе на крај и со кафеанските борџови, новинарите смислуваа најразлични досетки за да се дојде до некоја заедничка пијанка. Една таква антологиска случка долго, ќе се раскажува во новинарската фела како весела анегдота: во тоа време, во рамките на повеќето изданија на НИП-от , излегуваше и прилогот за туризам и рекреација “Починка” кое што на крајот на секоја туристичка сезона прогласуваше, меѓудругото, и најдобар угостителски објект, на кој што му се доделуваше специјално признание “Златна  виљушка”.

Останати без пари, а желни за провод, неколкумина новинари, меѓу нив и Бранко Зарески, телефонски го известиле сопственикот на елитниот ресторан, “Маракана” кај градскиот парк, дека жири комисијата го прогласила неговиот локал за водечки во Македонија и дека по тој повод треба свечено да му се врачи златната плакета . Пресреќен од доделувањето на ова признание, сопственикот Стојче уште истата вечер ги поканил да му бидат гости, заеднички да ја прослават наградата. За таа прилика тој повикал и музика а, кога расположението стигнало до песна и чучек, новинарот Ѓоко Поповски излегол пред микрофонот и со свечен глас ја прочитал одлуката за доделувањето на наградата, поканувајќи го Стојче свечено да ја прими. Со солзи во очите, сопственикот на “Маракана” изјавил дека е тоа најсреќниот ден во неговиот живот, посветен на угостителството. Веселбата траела до зори и завршила со заедничка фотографија за спомен на настанот.

Но, следниот ден, кога низ градот се расчу како Стојче бил насамарен од новинарите со лажна плакета, односно со нејзин дупликат, во редакцијата на “Починка” зазвонил телефонот а Стојче со плачлив глас, на галички дијалект, му рекол на дежурниот новинар Марко Черепналковски: – Брате Марче, толку години сум угостител, сум минал сито и решето ама, ваков стап досега уште не сум изел!

 

ДОБРО ЛИ БЕА ПЛАТЕНИ НОВИНАРИТЕ ВО ТОА ВРЕМЕ?

– Да бидам искрен, како обични чиновници. Иако во сите документи тие беа ословувани како општествено-политички работници, во практиката тие беа на рамништето на просечни општински референти. Тоа беше и причината што голем број од нив, штом ќе стекнеа одреден углед во својата професија, обично сврзана со нивната секторска определба, бараа начин да се вработат во некоја државна служба или во некое поуспешно претпријатие. Имаше навистина успешни новинари и уредници кои што поради малите плати во новинарството, завршија како службеници или локални политичарчиња. Се сеќавам дека десетина новинари на “Вечер” преминаа во некои комунални претпријатија или фабрички весници, а некои во општинската адиминистрација, каде што со многу помало залагање и напор остваруваа далеку повисоки плати. Но, мнозинството останаа верни на својата професија до крајот на работниот век, посветени на оловниот слог преку кој што ги соопштуваа своите новинарски пораки.

Бидејќи една од најголемите слабости на тогашниот самоуправен систем беше урамниловката на платите, односно наградување на трудот не според залагањето и способноста на секој вработен, туку според платната група која се одредуваше исклучиво од должината на работниот стаж и одговорноста на работното место, партијата реши да воведе стимулативни мерки за вреднување на трудот. Лошите економски резултати во државата беа причината за прогласување на чести стопански реформи, кои постојано завршуваа со неуспех. Една таква партиска кампања прокламираше напуштање на урамниловката и воведување на стимулативност во работата.

Разбирливо, штом партијата ќе определеше такви правци, во сите работни колективи отпочнуваше трка за изработка на нови правилници, кои што по правило се препишуваа едни од други, не водејќи сметка дали се работи за фабрика, земјоделска задруга или новинска куќа. Стручните служби, во кои седеа закоравени административци и бирократи, смислија правилник и за новинарите, определувајќи строги норми за секој објавен текст, врз чиј вкупен збир на крајот на месецот се заработуваше варијабилниот дел од платата. Колку што се сеќавам, за една објавена вест се добиваа 2 поени, за извештај 4 поени, за репортажа 6 поени, за осврт или коментар околу 10 поени. И што се случи?

Новинарите преку ноќ се претворија во калкулатори, на кои нималку не им беше важно каква квалитетна информација ќе објават, туку колку повеќе поени ќе соберат во текот на денот и месецот. На тој начин, во преден план дојдоа колегите што ние на шега ги викавме „ресавци„, по познатата ресавска школа на препишување, кои што натоварени со куп материјали од разни статистички заводи, стопански комори или форумски тела, едноставно почнаа да ги бомбардираат уредничките маси со десетици вести дневно, остварувајќи продукција што другите творечки автори не можеа да го постигнат со неколку месечни залагања. Па, така, ако дотогаш за изградбата на Скопје се подготвуваа збирни информации за она што наскоро  ќе се гради, сега тие се ситнеа на десетина дневни вести, најавувајки ја посебно секоја нова улица, детска градинка, училиште или било кој друг поважен објект предвиден за градба. Новиот систем за наградување, фактички го фаворизираше квантитетот на сметка на инвентивното и творечко новинарство, кое бараше повеќе време и залагање а не беше соодветно валоризирано.

Иако веќе по неколку месеци на сите им беше јасно дека новиот правилник претставува чиста глупост, која го деградира и обезвреднува новинарското достоинство, претворувајќи го авторскиот труд во сметачка машина и збир од бројки, поради стравот од  партиски реперкусии, продолжи да се применува неколку години, нанесувајќи му огромни штети на журнализмот и неговите следбеници. Дури тогаш се сфати дека новинарството не е фабрички погон или банка, каде што трудот се мери по извршени норми, туку дејност која што може да се подведе само врз интелектуални и творечки мерила.

За жал, и самоупраниот социјализам, во сите свои донкихотски обиди да најде решение за стимулативното наградување на трудот, не успеа да ја совлада урамниловката, која што како рак рана се беше вгнездила во неефикасниот економски систем. Следуваа низа нови стопански реформи и кампањи, со цел да се зголеми продуктивноста на трудот со разни стимулативнни мерки но, резултатот секогаш беше ист: нови неуспеси и нови падови на самоуправната економија!

ЗОШТО ГО НАПУШТИВТЕ “ВЕЧЕР”

-Бев убеден дека целиот новинарски век ќе го поминам во овој весник. Меѓутоа, сплет од непредвидливи околности придонесоа да го сменам редакцискиот “дрес” и да се вратам во мојата прва редакција.

Некаде во пролетта 1974 година “Нова Македонија” воведе нова рубрика на својата втора страница под наслов “Oд еден друг агол” слична на рубриката “Oд мојот агол”, што познатиот белградски новинар Југ Гризељ ја објавуваше во “Вечерње новости”. Автори на текстовите беа Верољуб Андоновски и Бранко Варошлија. Со оглед на тоа што ближеа годишните одмори и летото им беше потребна замена, ме замолија во текот на јули и август да гостувам со свои прилози во таа рубрика. Сметаа дека стилски и со една послободоумна репортерска опсервација јас соодветно ќе одговорам на таа задача. Претходно подготвив неколку прилози кои наидоа на нивно одобрување и со десетина текстови што тие ги оставија, успеавме да го покриеме периодот на нивното отсуство. Разбирливо, цената на тој ангажман беше таа година јас да не користам годишен одмор. Моите написи наидоа на позитивен одглас меѓу читателите и во самата редакција, која покажа интерес за мое префрлување во “Нова Македонија”. Тоа ми го најави тогашниот главен и одговорен уредник Илија Зафировски кој што напомна дека за тоа била постигната согласност со раководството на “Вечер”. Но, притоа додаде дека ќе бидам примен како обичен соработник, а не како што бев во “Вечер” уредник на рубрика. Веќе во октомври истата година бев вратен во “Нова Македонија” на работното место “соработник во внатрешно-политичката рубрика” сектор: известувач од Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз.

Од тој момент јас се сведов на форумски известувач кој што по цели денови киснеше на здодевни маратонски седници, на кои што речиси и ништо не се решаваше, бидејќи Социјалистичкиот сојуз само формално дебатираше за теми од интерес за граѓаните, а неговите препораки или заклучоци мораа да добијат потврда од Централниот комитет на Партијата. Парадоксот беше во тоа што за истите тие теми претходно на долго и нашироко се расправаше во младинската организација, во боречката организација, во синдикатот, во организацијата на жените (како дел од “социјалистичкиот фронт”) иако на сите им беше јасно дека крајните одлуки ќе ги донесе највисокиот партиски форум.

Од новинарски аспект работата беше премногу монотона и здодевна: известувачите добиваа куп материјали, подготвени од стручните служби, во кои беа приложени уводниот реферат, насоките за расправа и предлог заклучоците што треба да се усвојат.

Ние (известувачите), требаше само да ги извадиме најважните акценти од уводниот реферат во дискусијата и да ги препишеме заклучоците, кои секогаш беа прифаќани “едногласно”. Се случуваше понекогаш извештајот да го подготвиме претходниот ден и седнати во службеното бифе да го чекаме крајот на седницата, со тоа што дури и дискусиите (откуцани) ни ги носеа на рака. Сакам да кажам дека во оваа работа немаше никаков новинарски предизвик, освен што ја имавме таа привилегија да влегуваме во зградата на ЦК, која што кај обичниот човек беше доживувана како некое недостапно светилиште.

Ни седниците на ЦК на СКМ, кои постојано беа најавувани како “историски” по ништо не се разликуваа од другите форуми: се` беше однапред режирано и договорено. Јавноста и партиското членство залудно исчекуваа “крупни” одлуки и решенија кои ќе го подобрат нивниот живот, за на крајот да сфатат дека промените се недостижни: сите партиски документи почнуваа и завршуваа со повици за нова мобилизација на граѓаните и работничката класа, за нивна трпеливост и ветувања дека “Партијата влегува во решавачка битка”.

Единствено поинтересни беа седниците на кои што се најавуваа некои кадровски промени на општинско ниво, а кога ќе се случеше смена во самиот партиски врв, тогаш проработуваа “политичките кујни” со безброј шпекулации за тоа кој ќе биде новиот партиски лидер, како ќе завршат кадрите што му биле блиски на дотогашното раководство, и особено што нас новинарите не интересираше, дали ќе се случат потреси во новинарските куќи. Оти, во тоа време беше речиси неизбежно одделни новинарски кругови и раководства да се врзат повеќе отколку што налагаше професијата, со високи партиски функционери и нивните политики па, по нивната смена страдаа и тие!

Во многу тогашни редакции работеа поединци кои себеси се претставуваа како многу блиски и интимни со политичкиот врв, односно дека се информирани од прва рака за случувањата во политиката и тие важеа за недопирливи во своите средини. Едноставно, својата неработливост и неспособност ја покриваа со дистанцирање од своите колеги, градејќи имиџ дека секогаш знаат повеќе од сите други. При секој разговор со нив, повикувајќи се на некаква конспиративност, во доверба ќе ви соопштеа некоја политичка интрига, со задолжително предупредување сето тоа “да остане меѓу нас”. Искрено речено, нивните манипулативни склоности беа лесно прифаќани и стимулирани од самите редакциски раководства, кои што се плашеа да се пресметаат со нивната подлост.

БЕВТЕ ВО НОВИНАРСКА ПРИДРУЖБА НА ТИТО?

–  Голема чест и признание за секој новинар беше да се биде известувач од некои меѓународни посети на претседателот Тито, што тој ги прикажуваше како “мисии на мирот”. Овенчан со славата на еден од создавачите на движењето на неврзаните земји, Тито беше драг и посакуван гостин на многу светски државници и кралеви. Едно од тие негови значајни патувања беше посетата во 1972 година на Западна Германија, каде што тој беше пречекан како еден од хероите на Втората светска војна, легендарен партизански водач, кој што им зададе големи главоболки на германските фашистички војски. Заедно со надворешно-политичкиот коментатор Велко Коцев (тој известуваше за “Нова Македонија” а јас за “Вечер”), два дена пред почетокот на официјалната посета пристигнавме во Франкфурт, сместени во скромен хотел близу железничката станица.

Во тоа време Западна Германија беше легло на разни антијугословенски и антикомунистички организации, претежно четнички и усташки, за кои што Тито беше комунистички диктатор и потиснувач на нивните национални чувства. Уште во Скопје, бевме предупредени да ги избегнуваме тие “националистички дувла”, бидејќи југословенските безбедносни служби располагаа со информации дека тие организации подготвуваат протестни демонстрации и саботажи против Титовата посета.

Меѓутоа, ние не би биле новинари ако не би го пикнале носот таму каде што не ни е местото. Влеговме во еден ресторан, целиот накитен со фотоси на српскиот крал Караѓорѓе и четничкиот генерал Дража Михајловиќ, а на ѕидот истакнати пароли за тоа дека “само слогата ќе ја спаси Србија” (ССС). На наше изненадување, ресторанот беше речиси празен. Девојката што дојде да не послужи ни раскажа дека целата претходна недела југословенската УДБа, заедно со западно-германската полиција, вршела рација ширум земјата и ги уапсила сите оние на што сакале да протестираат или би можеле да дејствуваат против посетата на Тито. Таа додаде дека и газдата на ресторанот со неговиот син се ставени во изолација се` додека не заврши престојот на југословенскиот претседател. Во еден момент гостинот што седеше близу до нашата маса, слушајќи го нашиот разговор, се нафрли на нас со пцости, нарекувајќи не “Титови шпиони” и “закоравени комуњари”. За да одбегнеме потежок инцидент, брзо се вративме во нашиот хотел, свесни дека тогашната политичка емиграција не е баш многу расположена кон југословенскиот комунистички систем.

Високата југословенска делегација ја пречекавме во Бон, тогашна административна престолнина на Западна Германија. Сите весници на насловната страница со големи наслови го одбележаа пристигнувањето на Тито. Во Градската куќа, градоначалникот на Бон на свечен начин му врачи на Тито “Златен клуч од градот”, прогласувајќи го за почесен граѓанин на Бон. За разлика од многубројните југословенски новинари кои протоколот го следевме тивко од страна, германските новинари и фоторепортери нападно и бучно се туркаа околу Тито, барајќи од него по неколку пати да им позира со подарокот во раце. За нас беше незамислива слободата со која тие разговараа со него, изложувајќи го на разни провокативни прашања. Тито смирено и без навреденост одговараше на германски јазик, што остави посебен впечаток кај домашните новинари.

Тие дни во Западна Германија се играше светско првенство во фудбал и жрепката сакаше во четвртфиналето да се сретнат југословенската и западно-германската репрезентација. Дента пред мечот Тито ги посети нашите репрезентативци пред еден разапнат шатор во хотелскиот парк, каде што беше организиран заеднички ручек и за нас новинарите од придружбата. Атмосферата беше опуштена и ведра и Тито на нему својствен шеговит начин побара од фудбалерите да не го посрамат југословенскиот дрес, бидејќи со својот домаќин, германскиот канцелар се кладел во нашата победа. –“Јас како партизан не дозволив да бидам поразен од нив”- рече Тито, алудирајќи на времето кога фашистичка Германија распиша награда од милион марки за неговата глава. По ручекот тој се поздрави со сите фудбалери, а не заборави да се ракува и со нас новинарите.

Тито ја загуби опкладата, нашите фудбалери доживеаа убедлив пораз. На тој натпревар настапи и македонскиот репрезентативец Кирил Дојчиновски, кој што подоцна кариерата ја продолжи во Латинска Америка.

Второто мое патување во новинарска придружба со Тито, беше во 1975 година, при неговата посета на Турција. За таа посета беше акредитиран еден од постарите и поискусни новинари од надворешната рубрика но, поради некоја грешка во Белград неговото име беше испуштено во списокот на патници во специјалниот авион што требаше да лета за Анкара. Навреден од редакциската неорганизираност, тој одби да патува со автобус по тие големи горештини и раководството се најде во тесно: за да се стигне до Анкара, потребно е да се патува 24 часа, а до посетата на Тито имаше само уште еден ден. Одлуката падна на мене: ако истата вечер тргнам за Истанбул, следниот ден до полноќ ќе можам да стигнам до Анкара. Колегата од турската редакција Вефки Хасан, кој исто така беше акредитиран новинар за посетата но, имаше обезбеден авионски превоз, ме уверуваше дека е најдобро да фатам автобус од Истанбул за Анкара, бидејќи аеродромите се многу оддалечени од градот и има многу чекање при префрлувањето од еден авион во друг. А од редакцијата ми бараа најдоцна до 19 часот да го испратам првиот извештај со најави за посетата на Тито и коментари во турските медиуми.

Меѓутоа, јас не обрнав доволно внимание на неговиот совет и во целата брзаница, по пристигнувањето во Истанбул, се качив во автобус кој, што се вели, застануваше на секаја втора бандера. Беше тоа ужасно и мачно патување, кое за среќа сепак заврши добро: стигнав во хотелот во Анкара, во моментот кога колегата Вефки Хасан го диктираше по телефон својот извештај за “Бирлик”. Ниту јаден, ниту измиен, ја фрлив патната торба на подот и со помош на Вефки го срочив текстот на брзина. Среќна околност беше што мојот колега веќе ги имаше на куп турските дневни весници од кои ми ги преведуваше само главните наслови што се однесуваа на утрешната посета на Тито. Штом го испратив извештајот, почувствував олеснување: истиот миг заборавив на уморот и на сета нервоза што ја претрпев во текот на долгото патување. Сопственикот на хотелот, некој поранешен Гостиварчанец, инаку познаник на Хасан, не` покани да му бидеме гости. Поминавме прекрасна вечер.

Тито беше пречекан со највисоки државни почести, а турскиот народ го сметаше за свој пријател и за голем светски лидер. Во оваа земја имаше стотина илјади турски иселеници од сите краишта на Југославија, а ми се чини, најголем број од Македонија. Додека колоната од возила минуваше по улиците на Анкара, можеа да се слушнат поздрави на македонски јазик и извици: Тито, Вардар, Македонија.

Знаејќи ги склоностите на Маршалот кон помпезни и гламурни свечености, турските домаќини не штедеа сили да му приредат такви задоволства. Не можам а да не го спомнам приемот во еден од најлуксузните хотели во градот, каде што Тито, облечен во свечен фрак, со задолжителна пура во устата и со чашка виски во раката (пиеше исклучиво шкотски “Чивас”) лежерно забавуваше неколку прекрасни дами од турската културна елита. При крајот на приемот, вон протоколот и будната присмотра на неговото обезбедување, тој се упати кон излезот да испрати до автомобилот една позната глумица. Надвор дуваше топло ветре, ама доволно силно да го избезуми неговиот личен лекар, кој што преплашен за Титовото здравје беспомошно се обидуваше да го врати во приемната сала. Не обрнувајќи внимание на лекарските гестикулации, Тито речиси десетина минути се поздравуваше со новата познаничка. Тогаш чув како изнервираниот лекар ги кара и се лути на луѓето од Титовото најблиско обезбедување, што допуштиле нивниот претседател без никаква наметка да излезе надвор.

На тоа патување главното Титово обезбедување по некаков републички клуч го презеде македонското МВР, на чело со министерот Мирко Буневски и тоа за нив беше прв сериозен испит и одговорност од тој вид. Тие знаеја дека Маршалот има навики да го крши строгиот протокол и непредвидливо да се упати во неочекувани насоки, поради што добиваа уплав од неговата самоволност. Една таква ситуација му се случи во Измир: по претпладневната напорна прошетка во околината на градот, Тито се повлече на починка во својот хотелски апартман. Тоа беше прилика и за членовите на обезбедувањето но, и за нас новинарите малку да здивнеме на фотелјите во приземјето. Според планот, претседателот требаше да одмора до 19 часот, а потоа да ги продолжи разговорите со своите домаќини. Некаде околу 17 часот припадниците на обезбедувањето скокнаа како попарени: Тито ја напуштил својата соба и никој не знае каде се упатил. Настана трчаница по катовите и ходниците. Им падна камен од градите, кога хотелскиот персонал им кажа дека Тито седи на клупа крај хотелскиот базен во друштво со некои странски гости. Откако се одморил во собата, незабележан од никого, влегол во задниот лифт што води до базенот и тука си нашол нови пријатели. Грешката на обезбедувањето се состоеше во тоа што мислеа дека освен лифтовите што излегуваа пред рецепцијата каде дежураа, не постојат други, од задната страна на хотелот! Во тие моменти најмалку што посакував да бидам во кожата на македонските специјалци. Без капка крв на лицата, го проколнуваа денот кога им беше доверена оваа почесна ама тешка задача: да се грижат за безбедноста на својот непредвидлив претседател.

 

(продолжува)