„Мое Скопје“ каде не може да не се биде „ЖЕНА БОРЕЦ!“

Сподели

„ЖЕНА БОРЕЦ!“ , 8.март

Проектот „ЖЕНА БОРЕЦ!“ во својот првичен апликационен концепт, во областа „Визуелни уметности и уметност на новите медиуми“, беше планирано да ги содржи фотодокументирани клучните активности од целогодишен проект за урбан феминизам, но на конкурсот на Град Скопје беше одбиен целосниот проект и изложбата, под работен наслов „Мое Скопје“ остана во лимбо зона како единствена поддржана активност.

По одбивањето се наметна недоумицата: „Ако сите активности се одбиени, а фотодокументирачката изложба на одбиените активности е поддржана, тогаш мора да да ја перцепираат уметницата како магионичарка… или пак сериозно овде никој не дејствува здраворазумно па сите сечеме, лепиме и монитирме без да премериме и осмислуваме од денес за вчера.

Евидентно, поеноставно е да се прифати идеата дека уметницата е перцепирана како магионичарка на која и останува само да биде креативна и да даде конструктивно критички осврт на состојбата, токму преку борбата за култура во родениот град.

Женската уметност, уште од 1920 година започна да поставува темели за феминистички активизам, растајнувајќи ја загриженоста за женската улога во општеството, и ден денес.

Проектот „ЖЕНА БОРЕЦ!“ има за цел да ја презентира пластично борбата на жените уметнички за своите изразувачки права, во контекст на општественото културолошко функционирање, но и во контекст на индивидуални права, преку уникатни авторски дела, поставени во јавен простор, во истоимениот ПАРК „ЖЕНА БОРЕЦ!“.

Првичниот концепт говореше “Градовите се како соништата, создадени се од желби и стравови, дури и ако низата на нивниот дискурс е тајна, нивните правила се апсурдни, нивните перспективи замајувачки и дури и кога тие се таинствени” – Итало Калвино, Невидливи градови (1972)

Феминистичкиот урбанизам е теорија и општествено движење во врска со влијанието на изградената средина врз жените. Застапниците/чките на феминистичкиот урбанизам унапредуваат перспектива што е критична за партиските политички и општествени структури за кои тие веруваат дека имаат не толку позитивно влијание врз животот на жените и имаат ограничен женски ангажман во урбанистичкото планирање, посебно во патријахални средини.
Некои теоретичари на феминистичкиот урбанизам ја гледаат урбаната изградена средина како фундаментално неприфатлива за жените. Следствено, феминистичкото движење на урбанизмот поддржува стратегии за зајакнување на жените за планирање и развој на идната урбана средина според специфичните потреби на жените.

Модулираниов концепт говори за „Мое Скопје“ каде не може да не се биде „ЖЕНА БОРЕЦ!“, жена магионичарка, уметница и феминистка, каде не може будно да се сонува ако не се има веќе апсурдната желба за понежно „Мое Скопје“.

Со љубов,

Дороти Пачкова