Според австралиската полиција, владиката Петар минатата недела бил уапсен и испрашан во рамки на истрага за кражба и лажно сведочење. По испрашувањето бил ослободен и се чека продолжување на истрагата.
Македонската православна црква (МПЦ) нема информации за апсењето на владиката Петар во Мелбурн, па поради тоа нема ниту став за овој настан. Портпаролот на Синодот на МПЦ, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј за порталот Сакам да кажам вели дека не може да го коментира настанот.
„Нам не ни е познат овој настан. Едно е да се биде повикан на разгoвор, како што вели Владиката Петар, а друго се обвинувањата. Треба да го почитуваме златното правило за презумпција на невиност, не е виновен се додека не се докаже дека е виновен. Ние немаме официјални информации за тоа што навистина се случило. Јас не сум ги побарал, а не можам ниту да ви кажам дали некој друг од Синодот ги побарал оти сме на нешто како летен одмор“, вели отец Тимотеј.