Муралот „Илинден 1903“ е културно наследство кое ја воспева херојската борба на македонскиот народ

Сподели

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во Музејот на македонската борба ја отвори изложбата „Анатомија на муралот Илинден 1903“ од академскиот сликар Борко Лазески, посветена на одбележувањето на двата големи празника од нашата историја – 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата е пример за тоа како уметноста може да го раскаже минатото, да ја заживее историјата, да го пренесе борбениот дух на Македонците.  

– Токму муралите на нашиот современ академски сликар Борко Лазески, како визуелна форма на уметноста, се историска хроника за најзначајните моменти во нашата историја врежани во боја и форма, каде што во секој детаљ  може да се почувствуваат слободата и страста на оние што го оствариле својот сон. Тие се потсетник за тоа што сме постигнале и каков пат сме поминале како нација – истакна Љутков.

Овој мурал – додаде тој – не само што ни ги пренесува настаните од еден историски период, туку и ни помага да ги разбереме и да ги цениме вредностите за кои се бореле нашите претходници.

– Ова дело е уметничка анализа за обичните луѓе кои се претвориле во херои, за нивната пожртвуваност и нивните надежи. Истовремено е и инспирација за  идните генерации нудејќи им можност да ја почувствуваат и да ја разберат борбата за слобода на начин што ги надминува традиционалните историски наративи – рече министерот за култура и туризам. 

Љутков потенцираше дека е горд на нашето културно наследство и на делата што ги промовираат и ги зачувуваат нашите историски настани и личности. Нашата улога е, додаде тој, да ги поддржиме и да ги охрабриме ваквите иницијативи, кои не само што го збогатуваат нашето културно богатство туку и ја зајакнуваат нашата национална свест.