Музеј на македонската борба: Промоција „На погрешната страна“ од Пајо Авировиќ

Сподели

 

Во Музеј на македонската борба, на 26. февруари, во 19 часот, ќе се одржи промоција на стихозбирката „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ.

Промотори на книгата ќе бидат Sвездан Георгиевски и Владимир Мартиновски.

Стихозбирката „На погрешната страна“ е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, при тоа интензивно делувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, при тоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство – вели Sвездан Георгиевски во рецензијата за книгата.

***

Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Дипломирал ориентална филологија во Сараево и работел на универзитетите во Сараево и во Белград. Бил постојан соработник на неделникот „Пулс“.
Од 1997 година е во македонската дипломатска служба, каде што извршува повеќе одговорни функции, во МНР и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Службувал во Париз, Њујорк и Тел Авив.
Автор е на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија.

„Гледано од брегот
Морето е поделено на две бои:
Блиску до нас луѓето е црно
Како да ги испило сите валканици на светот
Од средината е веќе небесно сино
Далеку од нас е вистинско море
Црно за луѓето сино за галебите
Што вреди и да сме на вистинската страна на историјата
Кога сме на погрешната страна на морето“

Илустрацијата и дизајнот на корицата е на Зоран Кардула.