Музејот на современата уметност слави јубилеј од 50 години

Сподели

 

 

Музејот на современата уметност – Скопје оваа година на 13 ноември прославува јубилеј: 50 години од маркантното архитектонско здание – симболот на светската солидарност во Скопје. Ве покануваме да бидете со нас во одбележувањето на овој јубилеј, па затоа Ве водиме низ историјата на оваа зграда од првиот нејзин ден. Ќе ви ја отвориме нашата колекција, ќе патуваме заедно низ времето, ќе ви ги прикажеме најинтимните писма испратени по катастрофалниот земјотрес од светските уметници, нивните донации, едно сосема поинакво искуство во кое сакаме да бидете до нас.

***
Инспирирани од поддршката која доаѓаше од секаде, иницијативниот одбор на Музејот на современата уметност – Скопје ја покренува најискрената и најстрасната акција за оформување на една од најубавите меѓународни колекции на ликовни дела. За таа цел, почнуваат да се пишуваат писма адресирани до голем број уметници. Во тие писма биле наведени причините зошто токму тој уметник е одбран поради неговото творечко реноме на национален и меѓународен план и поради неговиот личен придонес во ликовната уметност на 20 век. Исто така во писмата одделено била истакната атмосферата во која настанал Музеј на современата – Скопје, за тоа дека нашиот музеј му припаѓа на главниот град на една држава со огромно културно минато и активен културен живот денес, но за жал во катастрофалниот земјотрес најмногу беа погодени културните спомениците и уметничките дела. И токму ова ја поттикна желбата за создавање Музеј на современата уметност како споменик на солидарноста на уметниците од целиот свет, но и како активен чинител во сите нови ликовни стремежи и како музеј што е издигнат над сите поделби: естетски, политички, верски и расни.

denesmagazin.mk