МВР ги демантира дезинформациите објавени на порталите Експрес, Курир, Нетпрес, Република

Сподели

 

Министерството за внатрешни работи категорично и целосно ги демантира дезинформациите објавени и споделени од страна на порталите Експрес, Курир, Нетпрес, Република…со сензационалистички наслови: „Предупредување, сцени на насилство, партиски активист со банда претепува човек – Спасовски молчи“, „Крвнички претепан прилепчанец среде бел ден: Напаѓачите активисти на СДСМ кои купувале гласови – од МВР не реагираат!“, „Сред бел ден, маж крвнички претепан во Прилеп“, „Среде бел ден, маж крвнички претепан во Прилеп“ и сл., повикувајќи се на споделено видео објавено на Twiter од страна на профилот @gledacot2, како целосно неточни.

Прво, видеото објавено со вчерашен датум, 30.05.2022, потекнува од кривично – правен настан „Насилство“ извршен на  17.04.2022 во Прилеп. Делото е извршено врз две лица од Прилеп, а не врз едно како што е наведено во текстот, едниот на 49-годишна, другиот на 52-годишна возраст, додека биле на работно место во ЈЗУ Општа болница Прилеп, кои биле физички нападнати од Д.А.(36), П.А.(32), Е.Д.(29) и З.Ј.(38).

Второ, овој кривично-правен настан е целосно расчистен, а на четирите лица кои го извршиле, по што се лишени од слобода, од страна на судија на претходна постапка им е одредена мерка притвор и од страна на СВР Битола – ОВР Прилеп по итна постапка им е поднесена кривична пријава за стореното кривично дело.
Трето, како што може да се види од податоците, ниту еден од кривично-пријавените лица не е лицето кое се споменува во објавата на Твитер, која е составен дел на текстот, што е уште една во низата манипулации објавени во интегралниот текст на порталот.

Ова се фактите, а сѐ друго се инсинуации и тенденциозно пласирање на лажни вести, кои имаат крајна цел само да наштетат, не само на институцијата, туку да нанесат штета на  работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите. МВР продолжува со интензивни мерки и активности за санкционирање на прекршителите на законите и со засилено темпо ќе работи на заштита на законитоста, како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани.

А со изнесувањето на овие лажни вести, споменатите портали ја дезинформираат јавноста и ги доведуваат во заблуда граѓаните на Република Северна Македонија. Затоа, Министерството за внатрешни работи, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистиниот текст да биде повлечен. Во спротивно, ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање.