МВР: Во Дебар и Центар Жупа стабилна безбедносната состојба

Сподели

 

Стабилна е безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа. Во
изминатото деноноќие, на целото подрачје на двете општини каде е
прогласена кризна состојба не се регистрирани собирања на граѓани на
јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби или
други имотни деликти и нема сообраќајни незгоди.

На терен, продолжуваат мерките што полициските службеници ги
преземаат согласно оперативниот план, вршат обиколка низ централното
градско подрачје и приградските населби, ги контролираат угостителските
и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони,
обложувалници) и се грижат за доследно спроведување на мерките за
спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.
Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други
моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Потсетуваме дека влезот
е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено
оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани
затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива
дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за
граѓаните во двете општини.

Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до
граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат
до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со
спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и
физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските
службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат
санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик – соопштуваат од МВР.