Се ближи крајот на неизвесноста околу решението на нашето државно име. Откако Атина категорично го одби предлогот за Илинденска Македонија, претходно прифатен и од грчкиот премиер Ципрас, повторно во оптек се најдоа имињата што долги години се наоѓаа на списокот на Метју Нимиц: Горна, Северна, Вардарска или Република Македонија (Скопје). Притоа, во грчките медиуми упорно се типува на одредницата Горна, како наводно дефинитивно решение, додека некогашните размисли околу името Република Македонија (Скопје), кои на самитот во Букурешт во 2008 година изгледаа приемчиви за двете држави, неочекувано во последен момент беа напуштени од Грција.
Меѓутоа, според многумина меѓународни експерти, токму тоа решение може да биде крајната, спасоносна формула, која што би ги задоволила критериумите на двата преговарачки тимови. Особено од аспект на главниот атински услов, неговата употреба да биде ерга омнес и да добие соодветна квалификација во македонската уставна регулатива, но истовремено да одговори и на нашиот цврст став решението да не навлегува во идентитетските основи на македонската држава и нација.
Можна ли е, на крајот на повеќедецениските преговори, оваа формула сепак да се нашла во завршниот преговарачки процес?
Како што е познато, грчките инсистирања на географски одредници, како што се Северна, Горна или Вардарска Македонија се покажаа проблематични за македонската страна од неколку причини: примената на ерга омнес наложува уставни интервенции кои што би довеле до апсурдни идентитетски последици, тешко спроведливи не само за домашна употреба, туку и во меѓународната комуникација. Од тие причини, грчкото отфрлање на историската одредница Илинденска и барањето преговорите да се вратат на веќе утврдените концепти на Метју Нимиц, неизбежно водат кон единственото можно решение што иствремено опфаќа и географска одредница, и ерга омнес употреба, како и можност за нејзина уставна верификација и што е најбитно зачувување на идентитетски белези на нашата држава. А тоа, напоменуваат експертите, може да се постигне само со прифатот на името Република Македонија (Скопје), кое што, за потсетување, долги години се вртеше и во комбинациите на неколку претходни грчки влади.
Дали премиерите Заев и Ципрас со асистенција на меѓународниот фактор се одлучиле на овој разумен компромис и дали е тоа изненадувачкиот потег што се крие до последен момент, ќе дознаеме во следните денови. Сите очекувања се, дека ќе се дојде до доволно прифатлив и правичен договор за двете држави, победнички извојуван низ обострани отстапки на двајца храбри лидери кои што речиси во невозможна политичка мисија успеаа да дојдат до историски резултат значаен не само за двете земји туку и за мирот и стабилноста на поширокиот регион.