НАШИТЕ ЅВЕЗДЕНИ ЧАСОВИ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Во „далечните“ времиња, во нашите „ѕвездени часови“ (Стефан Цвајг) пред да ни се случи „демократијата“, нашите херои беа многу поразлични од денешниве „антихерои“.

Александар Литовски

Нашите херои беа партизани кои храбро се бореа против наци-фашизмот, луѓе кои ги положија своите животи во борбата за слобода и македонска држава, нашите херои беа астронаути кои го реализираа човечкиот сон за патување меѓу sвездите и истражувањето на универзумот, нашите херои беа научници, креатори на големи откритија, луѓе кои ги поместуваа границите на човековото знаење, револуционери чии зборови и дела создаваа подобар свет, нашите херои беа големи уметници кои создаваа ненадминливи креации и нова реалност, нашите херои беа истражувачи, борци против угнетувањето и експлоатацијата, бестрашните луѓе кои застануваа против тираните, нашите херои беа борци за правда и еднаквост, великани кои создаваа подобар свет за сите.

Нашите херои во тоа време беа Тито и Иво Лола, Мирче и Страшо, Че Гевара и Матија Губец, Ленин и Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мендела и Јасер Арафат, Елпида и Стив, Кузман и Естреја… Луѓето на кои им се восхитувавме беа Луис Пастер и Марија Кири, Ван Гог и Да Винчи, Џордано Бруно и Галилео Галилеј, Бодлер и Рембо, Сократ и Маркс, Кафка и Есенин, Рацин и Шопов, Славко Јаневски и Димитар Митрев, Пандилов и Кондовски, Колумбо и Магелан, Нил Армстронг, Јури Гагарин и Валентина Терешкова и многу други чии имиња се впишани во златни букви во историјата на човечкиот род и македонсиот народ.

Така беше во таа „мрачна социјалистичка ера“, кога живеевме во „диктатурата на Тито“ и кога луѓето беа егзистенцијално сигурни, социјално, здравствено и образовно квалитетно обезбедени, кога беа загледани во „ѕвездите“. И не, ова не е некаква „жал за младоста“ каква што често импутираат антикомунистите и ревизионистите со цел да го релативизираат и обезвредант тогашниот квалитет на живот. Оптимистичките визии и повисоките морални и хумани стандарди беа факт и ги имаше за сето човештво.

Во меѓувреме, ние „доброволно“ се ослободивме од нашата „загледаност во ѕвездите“, се ослободивме од „непотребниот“ хуманизам, се ослободивме од „глупавата“ желба за праведност и еднаквост, се ослободивме од „нашите херои“, па дури се ослободивме од „уништувачкиот“ стремеж кон слобода за сето човештво. Се затворивме во сопствената ситносопственичка и егоистичка ќелија, го прифативме човекојадниот либерализам, отрпнавме на неправдите, страдањата и уништувањето на милиони животи, станавме националшовинисти и расисти…

Премолчано прифативме „херои“ да ни бидат врховистички идеолози, злосторници и убијци, естрадни проститутки, силувачи и педофили, крадци кои се нарекуваат политичари, разбојници кои се нарекуваат бизнисмени. Ние, сосема несфатливо, не само што ги изедначивме сопствените македонски национални величини кои „од нула“ ги изградија сите национални институции и кои, без никакви дилеми, ја создадоа македонската држава, со некои национални одроденици и слуги на туѓите национални каузи, туку секојдневно си „пукаме во главата“ со дерогација на квалитетот и трудот, со неводењето грижа за националните интереси и со масовната „приватизација“ на националните богатства. Наместо во ѕвездите, почнавме да гледаме, единствено, во сопствените џебови.

Изедначувањето, па дури и фаворизирањето на антихуманите и антимакедонските феномени, ги расклима темелите на чистата македонска национална свест и македонската држава. Со ставање знак за еднаквост помеѓу фашизмот и антифашизмот, меѓу комунистите и бугарашките фашисти, меѓу партизаните и балистите, меѓу младинците од Ваташа и велешките фашистички колаборационисти, меѓу хероите и одродениците, меѓу окупацијата и ослободувањето, меѓу демагозите и реформаторите, меѓу кичот и уметноста, меѓу доброто и злото, се создаде безлична мешаница на концепти и вредности, кои продуцираа луѓе со анационален и антихуман ментален склоп, луѓе кои лесно за сè, освен за сопствениот материјален интерес, слегнуваат со рамениците. Таквиот амбиент со такви полулуѓе, стана рај за безобѕирните хохштаплери, за бескрупулозните медиокритети, за грубите амбициозни антиталенти, за безобразните лакташи и за лигавите безр’бетници од сите професии.

Сето ова е, всушност, манипулација за да се премолчи и прифати сè она лошо, грдо и неправедно што ни се случува. Оттука, потребно е враќање на вредностите и доблестите. Враќање на македонизмот, во чиста форма. Потребен ни е нов поглед кон ѕвездите.