Насилството врз жените и понатаму е присутно

Сподели

 

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан – Меѓународни стандарди и практика на судовите – презентација на извештаи“. На конференцијата поздравно се обратија и Билјана Брејтвејт, програмската директорка за Западен Балкан, AIRE центар, Викторија Аврамовска – Мадиќ, заменик министерката за правда на Северна Македонија, Наташа Габер-Дамјановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, Ендрју Бранд, Раководителот на програмите во Британската Амбасада во Северна Македонија.

 

 

Тренчевска своето обраќање го започна истакнувајќи го деценискиот предизвик – семејното насилство. Таа истакна дека и покрај гласното говорење, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведување на голем број на кампањи за подигање на свеста сепак насилството врз жените и понатаму е присутно.

„Факт е дека мојата должност како министерка е креирање на политики. Политики кои се засновани на истражувања и на директни контакти со оние на кои таа политика им е наменета. Оттука заедно со моите колеги и колешки од министерството се трудиме да сме во директна комуникација со жените, зошто нивните приказни, специфични потреби и предизвици се оној темел врз кој сакаме да го креираме и да го прилагодуваме системот за превенција и заштита од насилство врз жените“ рече Тренчевска.

Министерката истакна дека причината за непријавување на насилството е стравот на жртвите, но и недовербата во институциите, случаеви кои според неа се сведува на фемицид или убиство на жените.

 

 

„Во 2019та година од вкупно 5 убиства при семејно насилство 3 случаеви се фемициди, во 2020 година од 4 убиства при семејно насилство 3 се фемициди во 2021 година од 5 убиства при семејно насилство 3 се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно 7 убиства при семејно насилство 6 се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со 3 фемициди, додека од неодамна имаше уште 2 случаеви“ рече Тренчевска.

Таа повика на поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерките по пријавено насилство како од страна на центрите за социјална работа така и од страна на судовите истакнувајќи дека тоа е единствениот начин да се намали или превенира фемицидот како најтежок вид на насилство врз жените.