НАСТАНИ-OFFest

Сподели

Batida + Saul Williams at OFFest

МКЦ, 28 МАЈ
MDbatidaandsaulwilliamsatoffestmuzickinastani

 

SAUL WILLIAMS

THAVIUS BECK програмирање, продукција

Роден во Њуберг, Њујорк, САД во 1972 година, Сол Вилијамс се смета за моќен глас на хип-хоп генерацијата како поет, актер, рапер, пејач, писател и музичар. Иако уметничките определби на Сол Вилијамс се многубројни и разновидни, тој се прославува преку поезија во средината на 90-тите години, кога издава неколку поетски збирки и албуми. Оттогаш неговиот фокус останува непроменет, особено во користењето револуционерни стихови со цел ја потсети публиката дека личното е всушност политичко. Пробивот на музичката сцена Вилијамс го остварува со деби-албумот „Amethyst Rock Star“ од 2001 година. На почетокот на оваа година, тој го издаде својот петти студиски албум со предизвикувачки наслов „Martyr Loser King“. Општествено ангажираните стихови на него се протест против полициската бруталност, контролата на владата и економските разлики во целиот свет. „Martyr Loser King“ ја раскажува приказната за истоимениот измислен лик, рудар од Бурунди кој станува хакер и дига револуција преку својот компјутер. Својата прогресивна поезија на ова издание Вилијамс ја соединува со меланхолични мелодии врз електронска палета на полиритми и жестоки крешенда, правејќи хибрид на рап, танц, панк.

BATIDA

BATIDA лимена канта, диканза, синтесајзер, вокал

FILIPE CHAVES тапани

LEON BRICHARD бас

CATARINA LIMÃO придружни вокали, перкусии

MARY FELICIANO танчерка

BERNARDINO TAVARES танчер

Batida е сценското име на Педро Кокенао, радио-, видео- и музички продуцент роден во Ангола, а израснат во предградијата на Лисабон. Како модерен и динамичен проект што влече корени од минатото, Batida комбинира семплови на анголски песни од 1970-тите години, со модерни електронски денс-влијанија. Музиката, која е почетната точка на Batida е збогатена со графика, фотографија и видео со силен општествен и политички коментар. Иако „кудорото“ (стил на анголска електронска музика) не е директно поврзан со традиционалната музика на земјата, тој е длабоко вкоренет во музиката на Batida. Batida е реинтерпретација на музичкото минато на Ангола пренесено во денешно време. Неверојатните и енергични настапи на Batida вклучуваат танчери, перкусионисти, видеопроекции и фотографии од улиците на Ангола, војната и фрагменти од животот на племенските заедници. Најновиот албум на Batida „Dois” (2014) е инспириран од мултикултурната синтеза на Лисабон и уметниците што Batida ги запознава низ годините, како и од искуствата здобиени на патувањата во Луанда и во Најроби.