Демократската унија за интеграција остро го осудува решението на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за именувањето на Горан Наумоски за директор на основното училиште во село Подгорци, Струга. Оваа одлука претставува отворена провокација кон жителите на селото и обид за тестирање на трпението и чувствителноста на граѓаните, создавајќи вештачки тензии во заедница која во минатото веќе била лишена од многу права.
Назначувањето на лице кое е познато по своите националистички ставови и исклучувачка реторика испраќа јасна порака дека оваа влада не ја почитува волјата на граѓаните и е подготвена да го користи образованието како инструмент за политички пресметки.
Училиштата треба да бидат простор за знаење, развој и еднаквост, а не средство за понижување на заедницата и создавање нови поделби.
Ваквите одлуки се јасен показател за пристап кој нема за цел унапредување на квалитетот на образованието, туку намерно создавање непотребни кризи.
ДУИ ја повикува Министерството за образование и наука веднаш да ја повлече оваа провокативна одлука и да престане со практиките на политичко наметнување врз заедниците кои јасно го искажале својот став.
Албанците нема да бидат дел од политички игри кои имаат за цел да предизвикаат незадоволство и тензии.
Бараме квалитетно и праведно образование, каде што управувањето со училиштата ќе ја одразува волјата на граѓаните, а не скриени политички агенди, се наведува во реакцијата на ДУИ.
