Не се исклучува светска нуклеарна војна – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

ДЕНЕС: Морам да признам дека бевте во право кога во една од Вашите колумни, веднаш по руската инвазија во Украина напишавте дека таквата војна, прво ќе има ефект на светска војна, и второ дека ако подолго трае сериозно ќе ја стресе ЕУ, а можеби целиот свет?

 

БИЉАЛИ: Веројатно по некоја случајност! Оти во геополитиката вреди правилото – кога ќе ги научите сите одговори, во меѓувреме се сменети сите поставени прашања! Воопшто не сум среќен поради тоа. Ќе бев многу посреќен да не бев во право. Никогаш светот не бил поблиску до своето уништување отколку сега. Ниту за време на Берлинската криза, ниту за времето на Кубанската криза, кои сепак oстанаа само во обид. Сега имаме конкретни опасни дела. Целата приказна за светскиот мир сега е сведен на политичкото преживување на една личност – Путин. Изгледа неговата гордост чини повеќе од животот на сите луѓе на планетава! Засега не гледам дека има критична маса за негова смена или рушење со некаков народен бунт. Можни се атентати, труење или елиминирање со бунт на група околу него, но тој и тука вешто се пази. Од друга страна, нема на повидок некој допирлив компромис, дури сега е и многу тешко да се дојде до него. Кој и да е компромисот, тешко дека може да ја рационализира војната, ниту за Русија ниту за Украина, а ниту за Запад. Путин претрпе голем пораз уште на почетокот на војната кога не успеа да ја собори власта во Украина, и мораше да ја локализира војната. Сега и тука трпи невидена загуба. Но, тој продолжува лажно да глуми супериорност со својата мантра – „НАТО ќе ја брани Украина до последниот Украинец“! Но, зад ваквата шега, се крие горчливата вистина за економскиот колапс на руското општество, за рапиден пад на животниот стандард, за бегање на младите Руси на сите четири страни од светот, за повлекување на бројни силни западни компании од таа земја, за исклучување на нејзините банки од Swift – системот, а особено за загубата на над 30 илјади војници! Башка тоа што војната е почната поради НАТО зближувањето до руските граници, а сега дополнително тоа стануваат и Финска и Шведска! Поради таквата војна сега Русија ги губи Ерменија, Таџикистан и Киргистан, а Кахзастан се свртува кон Кина. Плус, внатре проблеми со Дагестан, Башкир, Татарстан, Башкортостан, Бурјатија, Саха, па дури и со Сибир! Порази на сите страни. Па сега Ердоган му сугерира, дури и Крим да го врати! И сега со право секој Русин би се запрашал – каде не води овој довчерашен мачомен?!

 

ДЕНЕС: Но и на Запад не цветаат рози!?

 

 

 

БИЉАЛИ: Не само што не цветаат, туку уште повеќе венеат. Во војна тешко цветаат рози. Европа сериозно се тресе од повеќекратни кризи. Се мислеше дека европските граѓани ќе имаат разбирање за состојбите во нивните држави, во услови кога Русија го урива целиот светски поредок. Но, ете изборите во Италија покажаа дека таа кондиција не е долгорочна. Видовме дека при услови на голема светска економска и воена криза и самата гласа за опција која токму сега најмногу му одговара на Путин, без оглед што идната премиерка на Италија не го сака Путин! Но, сепак ваков политички пресврт во оваа држава е опасен за иднината на ЕУ. Тоа може да создаде домино ефект кај другите европски држави. И така ЕУ тешко се снаоѓа со енергетската криза која се рефлектира во сите области и погаѓа секого. Германија дури 55 % зависи од рускиот гас. Италија имала голем извоз во Русија, а Франција сонува за историско пријателство со Русија.

 

ДЕНЕС: Путин сериозно се закани со нуклеаран војна. Тоа е блеф или очај?

 

БИЉАЛИ: Тоа е и едното и другото. Но, во војна сосема лесно блефот се претвора во реалност, а очајот во катастрофа, оти очаен водач е крајно нерационален водач, и како таков е многу опасен водач! Кога тој вели дека може да користи „тактично нуклеарно оружје“, тоа никако не треба да се третира само како блеф, туку и како потенцијална опасност за светот. Дури и самите лидери често не се свесни колку брзо нивниот блеф во придружба со црн очај може да заврши со некое црвено копче! Хитлер, за малце не усеал да стаса до атомска бомба. Да стасаше, веројатно во состојба на очај ќе го употребеше! Затоа, не треба премногу да се потпираме на констатацијата дека тие закани на Путин се поради страв од негов воен пораз! И дека сака да преговара со некакви позиции. Сега тој е осамен, оти дури и довчерашните пријатели Кина и Индија му вртат грб кога е војната во прашање. Претпоставувам дека се чуствува како пред страшен руски рулет, каде што од седумте комори на револверот „Нагао М“ само едната е празна. Значи, штом ќе го повлечете чкрапалото, шансите да не добиете истрел во глава се само 14 проценти.

При вакви ситуации, секој водач е казнет да минува низ тешки eмоционални состојби, па и психички напади. Па тогаш сосема лесно „тактичкото“ преминува во „балистичко“. Таква нуклеарна војна, не е можно да биде локализирана, па оттука лесно целиот свет може да изгори во пеколот. Но, сепак да се надеваме дека Путин ја чека зимата, која по своја природа ќе го намали интензитетот на војната, и јавноста малку ќе олади, па тој да испроба со некакви компромиси за кои тој мисли дека при нуклеарни закани, можеби ќе бидат прифатени. Важно е целото човештво да се залага за да се стави крај на војната пред војната да си стави крај на човештвото!

 

ДЕНЕС: Да се вратиме на Западен Балкан. Постои ли опасност да се пренесе конфликтот тука?

 

БИЉАЛИ: Путин, на големо работел тоа да се случи. Делумното дефокусирање многу би му одговарало на Путин. Префрлени се огромни пари за пропаганда и инциденти, но овдешните народи се сити од војната. Таквите војни овие држави ги доведоа до последни во Европа, а беа со светлосни години пред источна Европа. Сега ниту Србите, како повоинствен народ, немаат расположение за такво нешто. Но, тоа е едната страна од регионалните геополитички намери, а сосема друго е есапот на ханџијата. Западот знае дека ако тука на Балканот избие конфликт, целата Европа ќе се запали. На сите овие руски напори, чудно е како едни во Македонија душа даваат за Путин. А сигурен сум дека на неговата мапа Македонија и Црна Гора воопшто ги нема. А едни политичари на тоа му кумуваат. А политичарот станува државник од тој момент кога ќе се пожртвува себеси за да ја спаси државата и луѓето во неа.

 

ДЕНЕС: Кај сме ние како држава во сите овие големи опасни игри?

БИЉАЛИ: Ние како да сме роб на некое проклетство. Од 16 држави од средна и источна Европа, ние бевме втори по развојот веднаш по распадот на социјализмот. Полска Чешка, Словачка, а да не збориме за Бугарија и Романија беа со светлосни години зад нас. Сега тие се ЕУ и демонстрираат развој и моќ. Но, самите ја заслуживме ваквата лоша состојба. Работата е згрешена уште на почетокот со лошата приватизација и таа приклетија ќе не следи пола век. Ние сеуште не сме свесни дека самите сме виновни за состојбата која ја имаме. Уште продолжуваме да се гордееме со големи идеи пласирани од мали луѓе! Па затоа половината од населението ни е исселено, а пописот ни е обична весела математика.

Видете, дури и една навидум „проруска“ Србија се движи накај Запад. Како што вели еден француски аналитичар – Србите флертуваат со Русите, а се мажат за Европејците. Србија ги засилува односите со НАТО со која имаат партнерство за мир. Тие досега одржале 44 воени вежби со НАТО, а само шест со Русија. А некој во Македонија сеушто го сонува Путин! Ним, Договорот со Грција, и сега со Бугарија им служи само како маска за проруската ориентација. А да ја дадеш Македонија на чување на Русија, е исто како да си ја дал кокошката да ти ја чува лисицата. Не се свесни (или пак се многу свесни), дека со тоа ризикуваат поголема внатрешна и регионална дестабилизација, а Македонија не може да преживее во таков тежок конфликт. Видни светски фактори се уморни од укажувањата дека не е добро самоволно да скокнеме во кањон!

 

ДЕНЕС: Кои промени треба да ги направиме?

БИЉАЛИ: А кои не? Нам ни треба сериозна операциона сала и силна екипа на оператори, оти треба се живо да оперираме – од раце и нозе, до срце и мозок. Самиот факт што толку заостануваме, е доказ дека кај нас многушто не е во ред! Тито за 30 години, значи од 1946 до 1975, дванаесет пати го подобри живеачкиот стандард. А ние и по 32 години стоиме во место! Држава без мерит-систем е држава без душа. Тука и Ајнштајн да си, без партија остануваш на улица. Тука треба силна екипа за да укаже кои ни се потенцијалите, ресурсите и како да почнеме. Алармантно е да имаме двојно повеќе административци отколку што имаме потреба, и тоа со ограничени знаења. Милијарда евра годишно се фрлат во ветер за тој вишок, башка што тие би се ангажирале во стопанството или земјоделието каде што би создале нова вредност. И подобро би живееле. Ние увезуваме над милијарда евра за храна, а до неодамна сме биле големи извозници. Ако продолжува како досега, за неколку децении тука мнозински народ ќе бидат африканците или авганистанците, кои се покажуваат како многу продуктивни. Затоа треба да се либерализира нивниот престој и вработување за да ги спасиме барем овие луѓе што ни преостанаа.

Потоа, ни треба максимум поедноставување на процедурите за бизнис. Ни треба голема либерализација. Еве еден пример. Отидете во термалните бањи во Албанија, над 300 хотели се полни со наши луѓе, а престојот, бањата и три пати јадење на ден им чинат само 15 евра по човек. Секој може да си дозволи неколку дена да си отиде таму. Секој што гради хотел таму, по автоматизам добива концесија за термалната вода. Кај нас три бањи со монопол, ептен скапи за овдешниот џеб, во голема мера празни, и имаме само 4-5 хотели. Невидена загуба за општеството! Тоа е мизерија! Да не зборувам за врвните капацитети за рурален и планински туризам, кои од нас може да направи балканска Австрија. И таа нема море, но е пред многу поморски држави со туризам.

Значи, нам ни требаат ментални и структурални промени повеќе отколку што на Сахара водата. Ако сакаме да опстанеме, партизацијата длабоко треба да ја закопаме. И тоа строго кривично треба да ја санкционираме. Оти токму тоа е најголемиот отров за секој народ и држава.

 

Мерсел Биљали за Денес магазин