Во Грција настана мешаница по наводната информација на грчкиот портал „Њупост“ (Newpost.gr) дека грчката влада го менува ставот кон Македонија и ќе ги признае македонските пасоши.
Веста на порталот доаѓа од погрешно толкување на документ од Министерството за внатрешни работи кој се однесува на пасоши од трети земји, а не на Македонија. Документот кој го објави порталот е од 22 август од грчкото Министерство за внатрешни работи и цивилна заштита, до грчката служба за проверка на пасоши, и во него се потенцира дека грчките гранични служби може без проблем да ставаат грчки печат на влез и излез во странските пасоши, односно пасоши од држави од трети земји во кои има печат и од македонските гранични служби.
Документот во суштина е повлекување на претходна одлука и потенцира дека службите во случаи кога странски државјани од трети земји поминуваат грчка граница, не мора повеќе да ја следат претходната наредба и може да стават печат директно во пасошот иако во него има и печат од македонските гранични служби.
„Ве молиме во иднина да не ја земате предвид и да не ја применувате нашата наредба за влез и излез на граѓани од трети земји сопственици на пасоши со печат од БЈРМ, кој што е ставен на страниците во пасошот,“ се вели во дописот од Министерството насловен „Издавање визи на сопственици на пасоши од трети земји во кои има печат од „БЈРМ“.
Како што објаснуваат извори од грчките гранични служби за „Мета“, летово добиле наредба да не ставаат грчки печат директно на странските пасоши кои имаат печат од македонските гранични служби, туку печатот да го стават на посебно бело ливче, како што е практика и со македонските пасоши кои не се признаени во Грција поради спорот за името.
Од граничните служби имало негодување за ваквата ситуација бидејќи поради летните гужви се направиле големи проблеми токму за грчките граничари. Токму поради ова била донесена одлука да се поништи претходната наредба и да се продолжи со старата пракса и како и пред летово грчките печати да одат директно во пасошите на странските туристи од друга држава, независно од тоа што во нив има печат и од Македонија.
Во суштина со ова не станува воопшто збор за признавање на македонски пасоши, туку само враќање на старата пракса на грчката гранична служба.
Од грчкото Министерство за надворешни работи за „Мета“ велат дека нема промена на грчката полтика во врска со нашата држава и македонските пасоши. Со ова останува досегашната пракса да се ставаат печати на посебно ливче се додека не се надмине спорот за името, поради кој Грција не ги признава македонските пасоши.