Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, за спорот за името во Њујорк разговарал со посредникот Метју Нимиц, но и со новиот генерален секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесува грчко-американскиот неделник „Грик њус“.
Главните разговори за македонско-грчките односи и преговорите за името, сепак биле со посредникот Нимиц. Според Нимиц, најважно во моментов е да има нова стабилна и функционална влада во Македонија за да може да продолжи преговарачкиот обид за наоѓање заеднички прифатливо решение. Тој изразил подготвеност за реактивирање на разговорите меѓу двете страни за да опипа до каде е пулсот за конструктивно продолжување на процесот, кој е во мирување речиси две години поради политичката криза во Македонија.
Во изјава за неделникот на грчката дијаспора, Нимиц изразил задоволство од средбата и од разговорот со Коѕиас, со кој се среќава третпат во последните неколку месеци.
„Разговарав неколкупати со министерот минатата година. Со зголемен интерес очекувам поголема активност за оваа тема. Се надевам дека ќе има влада во Скопје наскоро и се надевам потоа да дојдам во регионот и да видам дали може да се направи нешто конструктивно околу спорот за името“, истакнал Нимиц за „Грик њус“.
Во однос на политичката ситуација во Македонија, Нимиц посочил дека е неопходно во двете држави да има функционални и стабилни влади за да има конструктивни преговори.
„Важно е да имаме две функционални влади во двете држави и ако сте посредник, нема поента да се обидувате да посредувате ако една од двете страни нема влада“, подвлекол Нимиц.
Посредникот посочил дека и Гутереш има изразено интерес за спорот, како и дека веќе му има дадено материјали за да го запознае и да го подготви со деталите околу преговорите за името пред неговата средба со Коѕиас.
Коѕиас по средбите во Њујорк не даде никаква изјава поврзана со спорот за името и со состанокот со Нимиц, а детали за средбата не објави ниту грчкото министерство за надворешни работи.