Се појави лицето Н.Г. на распит. Ваистина се појави. Се појави и пред камерите, по распитот. Многу микрофони, ич прашања – како и секогаш. Кратката изјава со фацијалниот грч кој наликува на џокерската насмевка, требаше да не’ убедат дека тоа што не чувствува вина значи дека навистина не е виновен. Нот гилти. Нот гилти, мај ес!
Простете ми на францускиов, ама навистина сум гневна. Пилето мое насмеано не чувствувало вина. Не ме чуди, затоа што тој не е способен да чувствува било што, а најмалку вина. Тука, морам да се корегирам и да додадам дека препознав извесна доза на задоволство (и тоа е чувство) во оние моменти на неговото гуштерско клештење врз материјална штета од милиони евра за да му покаже на опонентот кој е кој. Како третоделенче кое урнало трафика играјќи си монополи. За Космос зборувам. Оној ист станбен комлекс за чие уривање ќе биде виновна градежната инспекторка, фирмата која е најмена за уривање на нерегуларен тендер, ќе биде виновна Република Македонија, сите знајни и незнајни ќе бидат виновни, само тој – не.
Да те прашам, душо чиста и невина, кој треба да чувствува вина или барем минимална одговорност за следново: Онолку колку што сме (не знаеме колку сме) доведени сме на работ на егзистенцијата. Џабе везеш дека се’ е розово. Сто шарени револуции не можат да ја прекријат со розова боја сиромаштијата која систематски се воведува и се одржува кај она кое ти го нарекуваш „народ“. Илјада барокни фасади не можат да го скријат фактот дека ни умираат деца и родилки. Милиони позајмени евра не можат да ја закрпат буџетската дупка во која ќе паѓаат и следните генерации. Милијарда сапуни не можат да го измијат срамот кој и’ е нанесен на Македонија.
Ма, јок. Не си ти виновен. Ти си нудел проекти и си работел. Виновни се климатските промени,морските струи, Американците, Грците, можеби и Русите во даден момент. Сите други се виновни, само ти – не. Ќе ми кажеш ли, неимару полуприучен, кој е виновен што мојот град е нагрден до непрепознатливост? Чија идеја беа оние смешки од згради пред „носот на комуњарите“? Ти ли ја смисли терасата што ти ја пушти Мето, на која секој момент очекувам Мусолини да се појави? Тебе ти се сони за градскине плажи со измачените палми, жалните врби и песокот од Албанија? Кога ти текнуваше за густине зданија покрај (во) Вардар, не ти текна дека ќе треба на секој лесен дождец да се одводнуваат? Знам дека за ништо од ова не чувствуваш вина. Евентуално радост за бруто маржата. Можеби и малку жал, што нема да ти остане време до крај се’да уништиш, пардон, избарокизираш.
Во суштина, во право си. Не си ти виновен за ништо. Виновни сме ние што сѐ уште си го губиме времето со тебе. Виновни сме ние што сме фини, пристојни и културни и протестираме со свирчиња и бои против твојата болест. Виновни сме што те трпиме и што сѐ уште не сфативме дека баграта треба да се дигне на клоци. Ама, ај, не се секирај, кај да е ќе ни текне.
Патем, одбројувањето тече. Уште седум дена до гилти.