За студентите запишани на јавните и приватните високообразовани институции во државата, објавен е Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Северна Македонија за студиската 2021/2022 година, информираат од Министерството за образование и наука.
Согласно Конкурсот, за академската 2021/2022 година за студентите се обезбедени 5235 легла во државните студентски домови и други сместувачки објекти, од кои 1249 легла се за студенти од прва година, а 3986 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.
Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.
Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 26.07.2021 година и трае до 20.08.2021 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 06.09.2021 година и трае до 24.09.2021 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2021 година.