Просто кажано: луѓето на Балканот стареат и просечното ниво на образование опаѓа, а вкупната бројка на население се намалува, пишува Пајке Хаанс за Республика.
Неодамна, студентите во Македонија протестираа против нивниот животен стандард во земјата: капката што ја прелеа чашата беше објавата на владата дека ќе ја прекине програмата за субвенционирани оброци. Студентите сметаа дека ваквите услови ги тераат да ја напуштат земјата. И не се единствените.
Во 2021 година, конечно се заврши долгоочекуваниот попис на населението на Северна Македонија, иако беше проследен со контроверзии.
И покрај сите препукувања во однос на методологијата и која етничка група добила колку процентни поени повеќе или помалку од другата, дискусијата практично изостана за еден клучен статистички податок: вкупното население се намалило за над 9%, наместо предвидениот мал раст. Северна Македонија секако не е единствената земја што се справува со овој проблем: намалувањето на населението или барем стагнацијата веќе е стандардна појава, наместо исклучок на Балканот.
Овој пад на населението произлегува од нискиот наталитет и од релативно високата емиграција. А балканските земји не се популарни дестинации за миграција од други места, што би можело да надомести за нискиот наталитет, како што е случај во одредени западноевропски земји.
Уште позагрижувачки е тоа што луѓето кои си заминуваат најчесто се млади и често се добро образовани луѓе, оставајќи зад себе сè постаро и помалубројно население. Според истражувањето на невладината организација Младинска алијанса во Северна Македонија, неверојатни 90% од младите сакаат да се преселат во странство.
Главниот фактор што го поттикнува иселувањето на младите е корупцијата; други фактори се невработеноста кај младите, што изнесува 28,3%, и сиромаштијата кај младите што изнесува 27,3%. Неодамна и американскиот амбасадор во Северна Македонија препозна дека корупцијата е една од причините што младите и талентирани луѓе ја напуштаат земјата.
Зошто луѓето си заминуваат?
Едноставната причина е што е полесно (или изгледа полесно) да се изгради живот во странство отколку дома. Балканските земји страдаат од недостаток или стагнација на економски раст. Платите се ниски во многу сектори, невработеноста останува висока, животните трошоци растат, а работните услови често се супстандардни.
Како дополнение на тоа е фактот дека преселбата во побогатите земји на ЕУ е релативно лесна, особено за висококвалификуваните мигранти, и лесно е да се види зошто некој би го напуштил својот дом и би се обидел да изгради живот во странство.
Но, тука не се само економските причини. Балканските земји страдаат од ендемична корупција, се поставуваат луѓе по партиска линија, не се работи по систем на заслуги и политичката клима е токсична. Корупцијата ги нагриза темелите и ја разјаде сржта на балканските општества; јавните администрации се корумпирани и некомпетентни.
Најчесто ќе наидете на бирократија како од роман на Кафка и лоша услуга. Инфраструктурата е изградена супстандардно, ако воопшто ја има, градовите се загадени и не се почитуваат прописите за безбедност (на работните места).
Не се посветува доволно буџет за образованието, а здравството и јавниот транспорт ретко се на задоволително ниво. Во меѓувреме, политиката се фокусира на спорови за идентитетот и калемење вина на други, а всушност таа самата е значаен извор на корупција. Во таква средина, не е ни чудно што многумина гледаат на можностите што ги нуди миграцијата и одлучуваат да ја напуштат својата татковина.
Зошто е важно тоа што луѓето си заминуваат?
Се случуваат три работи: населението во многу балкански држави се намалува, проседува и се случува одлив на мозоци. Просто кажано: луѓето на Балканот, во просек, стареат и просечното ниво на образование опаѓа, а вкупната бројка на население се намалува.
Намалувањето на населението може да биде предизвик за економиите, бидејќи пазарот на работна сила, а и самата работна сила се намалуваат: особено локалните економии може да бидат силно погодени со празнење на селата и помалите градови, што го оневозможува одржувањето на локалните бизниси. Земјите што проседуваат се справуваат со пензиски шеми што се сè потешки да се одржат, каде што има сè помалку граѓани кои плаќаат даноци, а и притисокот врз здравствениот систем е зголемен.
Сепак, најмногу загрижува ефектот на одливот на мозоци врз економијата и општеството. Странските директни инвестиции (СДИ) на Балканот се спречени затоа што често има недостиг на талентирани работници: кои се инвестиција што е очајно потребна за да се одржат во живот нестабилните балканските економии.
Покрај економијата, за многу од проблемите што настануваат на Балканот потребни се вешти и амбициозни луѓе. Има вистинска потреба од (политичко) лидерство, а потребни се компетентни луѓе во државните институции, за да можат соодветно да се даваат услуги. Како последно, но не и најмалку важно, апсолутно е неопходно интелигентните и образовани луѓе да ја едуцираат и обучуваат новата генерација.
Но, често токму овие луѓе имаат можност да го напуштат регионот и да започнат живот на друго место. Политичките и бирократските системи ги толчат токму нив.
Извор: euractiv.com
Со оглед на тоа, одливот на мозоци и намалувањето на населението сочинуваат еден маѓепсан круг: очајно се потребни талентирани, образовани, амбициозни луѓе за решавање на најтешките проблеми на балканските општества, но локалните системи ги бркаат овие луѓе или личниот економски или академски развој ги намамува.
Улогата на ЕУ
Пристапувањето во ЕУ најчесто се гледа како волшебен лек за многу од овие проблеми. Процесот на пристапување треба да се сфати како процес што ја трансформира земјата: со тоа што ќе ја стабилизира и зајакне нејзината економија и ќе се воспостави владеење на правото, меѓу другото. Меѓутоа, во реалноста, пристапувањето во ЕУ не е решение за многу од овие проблеми: јужните членки на ЕУ сè уште се во тешка економска положба, додека некои од најновите членови во Унијата и натаму се ослабени од ендемичната корупција.
Подеднакво загрижувачки е тоа што членството во ЕУ не го спречува одливот на мозоци, впрочем, може и да ја влоши состојбата поради слободата на движење: земете ги за пример Словачка или Грција и Хрватска. Хрватска сега им нуди на Хрватите кои живеат во странство 26.000 евра доколку се вратат во Хрватска за да започнат бизнис. Да, членството во ЕУ нуди пристап до заедничкиот пазар и разни фондови за развој (земјите од Западен Балкан веќе добиваат финансирања вредно милијарди од ЕУ), зајакнувајќи ја економската перспектива.
Сепак, во реалноста, јасно е дека 1) посиромашните членки нема да можат да парираат во однос на животниот стандард 2) членството во ЕУ нема само по себе да ги реши бројните и прилично ендемични проблеми во земјите од Западен Балкан. Па, веројатно и може да се очекува дека луѓето ќе продолжат да го напуштаат регионот дури и ако земјата пристапи во ЕУ.
Поглед кон иднината
Улогата на дознаките е интересна – тие се пари или стоки што ги праќаат луѓе кои работат во странство: обично до нивното домаќинство или семејство. Тоа се пари заработени во странство, а што се трошат во локалната економија. Дознаките може да сочинуваат голем дел од економијата во места како Киргистан (мигранти кои првенствено работат во Русија), но не се безначајни ни на Балканот. Дознаките може да им овозможат на членовите на семејството или пријателите слобода и ресурси да развијат бизнис или да стекнат образование дома, што значи дека дознаките може да бидат ресурс за земјите со голема дијаспора.
Слично на тоа, ако луѓето од дијаспората едноставно се вратат дома со своите вештини и со нивните парични ресурси, тоа би било огромен благодет за матичната земја.
Во суштина, тоа е она што програмата на Хрватска се обидува да го стимулира. Луѓето во дијаспората се исто така совршено позиционирани да ги разберат и да се снајдат како на балканските пазари, така и на светско ниво. Регионот е сè уште релативно добро образован, но трошоците за живот остануваат релативно ниски во споредба со другите добро образовани земји. Постојат можности за економски раст.
Сепак, корупцијата треба да се сузбие на локално ниво. Нема лесен начин да се постигне тоа. Од странство тешко може да се наметнат антикорупциски мерки. Потребни се локални луѓе со визија и волја да се справат со корупцијата, што во суштина значи борба против сопствениот потенцијален приход и борба против паричниците на вашите колеги политичари.
Потребни се вистински институционални промени на Балканот, дури тогаш работите ќе можат да се подобрат.
Пристапувањето во ЕУ ќе помогне само ако се направи како што треба: ако навистина се менуваат и следат законите. Ако институциите навистина меѓусебно се проверуваат наместо само да гонат политички непријатели (или да не гонат никого).
Накратко: ви требаат лидери со посветеност и волја и способни јавни службеници кои ќе ги пополнат државните институции. Сега Балканот треба да се погрижи тие идни лидери да не си заминат во странство.