Одложено „Диво Насеље“, на новинарите и адвокатите не им беше дозволен влез во салата

Сподели

divo-naselje-sudenje-2-860x680

Судскиот процес „Диво Насеље“ за настаните од 9 и 10 мај минатата година денеска повторно се одложи откако судската полиција на Врховниот суд не им дозволи на новинарите и адвокатите да влезат во зградата на судот каде требаше да се одржи рочиштето.

Од Врховниот суд немаше конкретно објаснување зошто на новинарите и адвокатите не им е дозволен влезот. Оттаму само кратко телефонски рекоа дека ова судење го води Кривичниот суд и судската полиција на овој суд треба да го организира спроводот на странките.

По шетање на новинарите од еден до друг влез на Врховниот суд тие останаа пред главниот влез на Врховниот суд, а во големата сала на Врховниот суд влегоа само обвинетите и двајцата обвинители.

По околу еден час обвинителите излегоа од Врховниот суд и обвинителката Вилма Русевска рочиштето е одложено бидејќи судската полиција не ги пуштилa адвокатите да влезат и дека рочиштето е презакажано за 6 јуни.

Адвокатот Мефаил Арслани изјави дека ќе бараат објаснување од претседателот на Основниот суд Скопје 1 зошто денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд на судењето.

– Која е играта што ја играат ние не знаеме. Имаме одговор дека денешното рочиште е одложено бидејќи адвокатите не се во судницата, но нас не ни беше дозволено да влеземе во судницата. За ова ќе бараме одговор од претседателот на Основен суд Скопје 1 – изјави Арслани.

Одложено „Диво Насеље“, на новинарите и адвокатите не им беше дозволен влез во салата