Заради неопходна дополнителна техничка документација се одлага примопредавањето на вакцините од Србија за Северна Македонија, за следните денови, соопштија од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Примопредавањето на донацијата на вакцини од Србија беше најавено да се изврши во текот на денешниот ден, од српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев, на граничниот премин Табановце.
– Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре, 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме, се наведува во соопштение од Владата до медиумите.
Антиковид-вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија, а неколку недели чекаа на одобрение од производителот за да влезат во земјава ќе бидат првите 8.000 со кои и кај нас ќе почне имунизацијата.
Во текот на следните денови се очекува и испорака на нови 200 илјади дози на вакцини од Кина, за кои беше потпишан договор во понеделникот.