Комисијата за заразни болести даде дозвола за одржување на спортската манифестација „Охрид трчаТ“ која е закажана за 28 до 30 август.
“Голема благодарност до Комисијата за заразни болести за начинот на комуникација и посветеноста заедно да го направиме тоа што е најголем приоритет за сите нас во овој момент, заштита, безбедност и сигурност на сите учесници на настанот. Одговорноста е голема. „Охрид трчаТ“ ќе биде прва улична трка за оваа година во нашата земја и пошироко и навистина ни претставува голем мотив и предизвик, во вакви услови да го покажеме нашиот професионализам и визија за подоброто утре наше, на Охрид и на Македонија” – изјави директорот на трката, Иван Цветкоски.
Во овој момент тоа што итно треба да го знаете е дека бројот на учесници е лимитиран и тоа 250 учесници за полумаратонот и 250 за трката на 5км така што максимален број на учесници е 500. Во овој момент има уште 170 места за на 21км и 105 за на трката на 5км. Сите учесници кои ќе се пријават до 20 август ќе си имаат ексклузивно право да си имаат име и презиме на стартниот број. Пријавувањето е отворено до 23 август, 23 и 59 минути доколку претходно не се исполни предвидениот одобрен број за учество.
Пријавувањето е на официјалната веб страна www.ohridtrcat.mk
*Почитувани љубители на трчањето и спортот, Охрид трчаТ е производ на нашата желба за еден поинаков и поинтересен Охрид, Охрид во кој улиците ќе се користат за трчање и рекреација, Охрид во кој ќе се дружат и забавуваат сите од најмладо до најстаро. Охрид трчаТ покажа уште во првата година дека интересот за овој вид на рекреација е многу голем и многу потребен. Уличните трки од ден на ден се повеќе се етаблираат низ улиците на многу градови во светот но посебноста на Охрид трчаТ како трка е во тоа што на сите учесници им дава ретка можност да рекреираат и да се дружат со градот со жива култура и природни богатства кои опстојуваат 2500 години.