ОКОЛУ АТЕНТАТОТ ВРЗ ГЛИГОРОВ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

РАСКОЛ ВО ПОБЕДНИЧКАТА КОАЛИЦИЈА

Таа 1994 година, по повлекувањето на ВМРО-ДПМНЕ од вториот изборен круг на парламентарните избори, наводно поради изборни нерегуларности, надмоќно победи блокот партии обединети во “Сојуз за Македонија”, предводени од СДСМ заедно со Социјалистичката и Либерално-Демократската партија.

Таа голема изборна победа, за жал, имаше мошне неповолен одраз врз целокупниот политички живот во земјата, бидејќи набрзо по освојувањето на власта СДСМ ќе загосподари со сите општестевено-политички текови во државата, целосно елиминирајќи ја опозицијата од одлучувањата за клучни прашања од интерес за државата, при што грубо ќе го омаловажи и изборниот придонес на своите коалициони партнери.

Беше општо познато дека иницијатор и творец на Сојузот беше претседателот Глигоров, кој што со повикот “Не ме оставајте сам!” ги повика граѓаните да гласаат за оваа коалиција, стравувајќи дека во случај на победа на опозицијата, тој не ќе може, како шеф на државата, да ја продолжи и оствари својата дотогашна политика, негирана и оспорувана од ВМРО-ДПМНЕ како “анационална” и “предавничка”. Таа година, заедно со парламентарните се одржаа и претседателските избори, на кои што опозицијата како противкандидат на Глигоров го истакна познатиот театарски режисер Љубиша Георгиевски. Победи Глигоров со тесна разлика, што беше повод ВМРО-ДПМНЕ да не ги признае изборните резултати.

Првите пукнатини во победничката коалиција се појавија веднаш по освојувањето на власта, во почетокот околу финансиската поделба на освоените гласови, а потоа и за сериозни прашања во врска со развојот на државата и демократските процеси. Видни членови на раководството на СДСМ излегоа со ставови дека нивната партија и без помош на своите коалициони партнери, за кои беше речено дека немале поголемо политичко влијание и углед меѓу граѓаните, лесно ќе дошла до изборната победа.

Во тој контекст се стави под прашање натамошното постоење на Сојузот, со укажувања дека тој бил создаден исклучиво за изборните потреби и дека сега ја губи смислата на своето дејствување, бидејќи потсетува на фронтовскиот карактер на некогашниот Социјалистички сојуз. Оваа политичка групација во СДСМ, предводена од професорите Фрчкоски и Чокревски, ќе отиде уште понатаму, барајќи да се преиспита уставната позиција на претседателот на државата, сметајќи дека Глигоров има прешироки овластувања, неспоиви со нашиот парламентарен систем во кој што неговиот авторитет се наметнува над Парламентот и Владата , односно се гради своевиден култ на личноста во неговите политички настапи. Тие ставови, за жал, превагнаа во партиското раководство и станаа дел од политичката платформа на СДСМ.

Сите усилби на претседателот Глигоров да ја спаси коалицијата и да се оправда гласачката доверба на граѓаните дадена за неа, завршија неуспешно и, ми се чини, дека сето тоа го прими со големо разочарување, како еден вид личен пораз на неговата политика. Со атентатот извршен врз него една година подоцна, Република Македонија зачекори во период на сериозни неизвесности и предизвици во својот демократски развој, кој што ќе остави негативни последици сѐ до денешни дни.

ДОЛГО ПОДГОТВУВАН АТЕНТАТ

Атентатот се случи претпладнето на 5 октомври 1995 година, околу 9 часот и 15 минути.

Претходните денови претседателот Глигоров водеше мошне важни и корисни разговори во Белград, со Слободан Милошевиќ, околу граничното разграничување со Југославија, односно со Србија. Тоа утро, како што бевме информирани, тој требало со хеликоптер да го надгледа граничниот појас кон Косово и на лице место да се запознае со некои спорни подрачја меѓу двете држави. Од непознати причини патувањето било одложено.

И додека во мојата канцеларија разговарав со директорот на нашата агенција “Датапрес” Цветко Цветковски, одекна страотна експлозија, од која што се затресоа прозорците и ѕидовите на висококатницата. Во прв момент помисливме дека се работи за експлозија на плински уред во некоја од соседните згради но, кога погледнавме надвор забележавме како растрчани и преплашени минувачи се упатуваат кон старата железничка станица од каде што се издигаше облак од црн дим. Неколку минути подоцна заѕвони телефонот и генералниот директор Колемишевски ни соопшти дека неговата секретарка, која што живее спроти хотелот “Бристол” јавила дека најверојатно се работи за атентат врз претседателот Глигоров: уништени се неколку возила, а има и мртви и ранети минувачи. Веста ја потврдија и двајца млади новинари од градската рубрика, кои задишани дотрчаа во редакцијата: претседателот Глигоров е пренесен во Градската болница со потешки повреди, неговиот возач е мртов, има ранети минувачи, а неколку возила се уништени од силната експлозија.

Во тие критични моменти висок новинарски професион нската телевизија, кои што требало да вршат пренос од некоја манифестација во Музејот на град Скопје, сместен во старата железничка станица. Затекнати на местото на експлозијата, тие веднаш ги вклучиле камерите и почнале да вршат директен пренос од настанот, така штоцелата македонска јавност доби увид во трагичниот чин. Нивните првични информации беа дека претседателот Глигоров поминал со полесни повреди но, по половина час соопштија дека поради тешките повреди е пренесен во Клиничкиот центар и неговиот живот е во опасност.

На општо изненадување, сѐ до вечерните часови државните органи останаа неми: немаше никакво соопштение од МВР, од Владата и од Парламентот, го немаше ни Министерот на полицијата да се обрати до јавноста и да ги изнесе нејзините сознанија и првични резултати од истрагата. Затоа моравме да се потпреме на нашите новинарски истражувања преку кои утврдивме дека експлодирало патничко возило “Ами-6” кое било паркирано пред хотелот “Бристол” и во чие задно седиште биле поставени вреќи наполнети со песок, со цел при поминувањето на претседателскиот автомобил, експлозивните тела да бидат насочени кон него. За таа операција бил употребен далечински детонатор, што укажуваше дека атентаторите биле искусни професионалци кои што подолго време го планирале нападот и дека тие точно ја знаеле маршрутата и времето на движење на претседателскиот автомобил. А тоа значеше дека тие имале логистичка поддршка во некои структури на власта. Меѓутоа, кои беа непосредните извршители, а кои биле планерите и наредбодавците на злосторот, никогаш не се откри.

Првите оценки на политичките аналитичари беа дека целта на атентатот била со убиството на Глигоров да се предизвика хаос и дестабилизација на државата, по што би дошло до нова прерасподелба на власта и промена на внатрешната и меѓународна политика на Македонија. Со оглед на незадоволството на опозицијата, која што ја оспоруваше легитимноста на изборните резултати и внатрешните кавги и меѓусебни обвинувања во Сојузот за Македонија, сите овие претпоставки изгледаа за можни.

Духовите на македонската политичка сцена особено се вжештија по еден говор на министерот за надворешни работи Стево Црвенковски во парламентот, кога без никакви докази и аргументи ја обвини опозиционат ВМРО-ДПМНЕ за можен организатор на атентатот, потсетувајќи на нејзините терористички акции и многубројни атентати извршени во минатото. Она што беше неспорно во сите политички анализи, беше оценката дека по атентатот на Глигоров, нашата држава повеќе никогаш не ќе биде тоа што беше!

СОСТАНОК НА СТОЈАН АНДОВ СО НОВИНАРИТЕ

Бидејќи поради тешките повреди претседателот на државата не беше во можност да ги извршува своите должности, според Уставот на Република Македонија, неговите надлежности привремено ги презеде претседателот на Парламентот, во случајот Стојан Андов. Во новонастанатите околности во државата, Андов така и постапи, што предизвика жестоки реакции во редовите на СДСМ, со обвинувања дека постапил неетички, затоа што при се уште жив претседател, побрзал да се прогласи за негов наследник и вршител на претседателските должности. Од тие политички игри, за жал, не беа поштедени ни македонските медиуми, кои што без своја вина се најдоа во средиштето на тие пресметки.

Ден по атентатот, Стојан Андов свика состанок со директорите и главни уредници на МРТВ и НИП “Нова Македонија” со намера да ги информира за политичко-безбедносната ситуација во земјата и за истрагата околу атентатот. Со оглед на тоа што ги имам зачувано белешките од тој состанок, кој потоа доби разни политичко-шпекулативни интерпретации, ќе се обидам накусо да го опишам неговиот тек.

Кога со Колемишевски влеговме во салата за состаноци во Клубот на пратениците, забележавме дека сеуште не се пристигнати раководителите на МРТВ, поради што Андов замоли да го причекаме нивното пристигање потоа да започне состанокот.

По петнаесетина минути се појави генералниот директор на МРТВ Мелпомени Корнети, додека директорот на телевизијата Сашо Орданоски пристигна кога разговорот беше веќе почнат. Овој момент посебно го потенцирам за да се сфатат подобро некои релации што постоеја во односите меѓу првите луѓе на најмоќниот електронски медиум во земјата: генералниот директор Корнети дојде на функцијата како член на највисокото раководство на Либерално-демократската партија и по лично инсистирање на претседателот Глигоров, додека Сашо Орданоски важеше за човек на СДСМ и близок пријател на министерот на полицијата Фрчкоски и на владиниот портпарол Ѓунер Исмаил, кои што како партиска групација ја уживаа поддршката на лидерот и премиер Црвенковски. Нетрпеливоста меѓу Корнети и Орданоски започна уште првиот ден по нивното назначување, а се засили по внатрешните конфронтации во Сојузот за Македонија и во самата Влада, пренесувајќи се и меѓу вработените во МРТВ.

Во една таква атмосфера се одржа состанокот, на кој што Андов го даде следното објаснување: на неговата средба со премиерот Црвенковски било договорено согласно Уставот, тој како претседател на Парламентот да го заменува Глигоров во вршењето на неговите должности, до неговото заздравување и преземање на своите ингеренции.

Притоа истакна дека во овој момент најбитно е да продолжат нормално да функционираат институциите на системот и граѓаните да се почувствуваат сигурни и безбедни за своите животи. Во тој поглед се преземени широки мерки за обезбедување на границите и за оневозможување на нови терористички активности, кои не се исклучени и кои би оделе на создавање нестабилност и несигурност во државата.

Посебно ја подвлече важноста на доследното спроведување на нашата меѓународна политика, односно дека таа останува непроменета, што мора да се потврди со итната ратификација на постигнатата Привремена спогодба со Грција во нашиот парламент, кој што тој ќе го свика во наредните денови.

Исто така информираше за веќе познатите детали околу атентатот: дека полицијата немала никакви претходни сознанија оти се подготвува такво нешто и дека истрагата засега не располага со било какви откритија за извршителите на злосторот. Инаку, над претседателот биле извршени неколку сложени операции и неговата здравствена состојба засега е добра но, се уште постои опасност по неговиот живот.

Колку и да се воздржуваше од коментари и оценки за одговорноста на полицијата, беше видно дека Андов не ќе ја премолчи личната одговорност на министерот Фрчкоски, за кого рече дека за атентатот дознал на пат за Бугарија, каде одел на преговори. Треба да се каже дека Либералите подолго време искажуваа незадоволство од неговата работа, обвинувајќи го Фрчкоски за злоупотреби на службата за партиски цели, преку прислушкувања на познати политичари и бизнисмени. Освен тоа, Андов никако не можеше да се ослободи од сомнението дека еден сообраќаен инцидент што му се случил пред повеќе месеци, кога во полициска придружба на патот за Маврово, одбегнувајќи директен судир со друго возило, неговиот автомобил се превртел во ендекот, бил исцениран и планиран за негова физичка ликвидација. Иако наодите на истрагата укажуваа на несреќен случај и обичен сообраќаен инцидент, тој никогаш не ги прифати како сериозни и валидни, сметајќи дека ја прикриваат вистината за целиот случај.

На средбата со новинарите Андов упати неколку забелешки и на работата на Македонската телевизија која што “не покажала доволно политички слух” за значењето на неговата изјава дадена во врска со атентатот, затоа што била пласирана заедно со купот соопштенија на некои безначајни вонпарламентарни партии, со што “свесно била минимизирана неговата функција и личност”. Како директор на МТВ, Орданоски ги отфрли ваквите тврдења и по неколкуте реплики со Андов го напушти состанокот, оправдувајќи се со некои неодложни службени обврски.

Веќе следниот ден, новинарската средба со Андов во политичките кругови и кујни доби фантомски интерпретации: наводно Андов сакал да одржи “таен состанок” со раководството на НИП “Нова Македонија” на кој што требало да добие поддршка во своите намери да биде прогласен за наследник на Глигоров но, бидејќи за тоа се дознало во централата на СДСМ, во последен момент биле повикани и претставниците на МРТВ.

Директорот Орданоски претходно имал средба со министерот Фрчкоски, со што се објаснуваше неговото доцнење и предвремено напуштање на состанокот, со цел да го информира министерот за содржината на разговорот со Андов.

Кога ваквите гласини стигнаа до мене, сметав дека се работи за бесмислени политички конструкции на кои не треба да им се обрнува некое внимание. Но, не бев во право: по неколку дена Колемишевски ме информира дека бил повикан кај премиерот Црвенковски за да добие изворни информации за тој состанок, уверен дека Андов можеби подготвувал заговор против него. Потоа гласините се проширија со тврдења дека уште истиот ден по атентатот, претседателот на парламентот влегол во кабинетот на Глигоров и од позиција на негов заменик водел телефонски разговори со некои странски државници, при што користел доверливи документи од неговата работна маса.

За голема среќа, претседателот Глигоров брзо се опорави од повредите и извршените операции и веќе во почетокот на 1966 година го даде првото интервју за “Нова Македонија”, изнесувајќи за прв пат детали за тоа како го доживеал атентатот и што би можеле да бидат причините за неговото извршување.

Во тој период, под притисок на јавноста и на медиумите, поради неуспесите во истрагата, Фрчкоски си поднесе оставка, по која што премиерот Црвенковски го именува за министер за надворешни работи на Македонија.

По две години, кога Павле Трајанов ќе застане на чело на полицијата, веднаш ќе отвори нова истрага за атентатот, со јавни прозивки на Фрчкоски дека намерно ја насочувал истрагата во погрешен правец. Меѓутоа, и за време на неговото министерување не беше направен чекор напред во расветлувањето на мистеријата околу злосторот, што само потврди дека неговите извршители и планери на време ги беа уништиле сите траги и докази што водат до нив.

ОД КНИГАТА “НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС” НА ГЕОРГИ АЈАНОВСКИ