Во условни на вжештена ситуација во северниот дел на Косово, каде косовските Срби протестираат пред општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавич, настана тензија меѓу косовскиот премиер Албин Курти и опозицијата во земјата, пишуваат локалните медиуми.
Лидерот на опозицијата Рамуш Харадинај од „Алијансата за иднината на Косово“ побара оставка од Курти, објави КосоваПрес, повикувајќи се на објава на Харадинај на Фејсбук.
Според Харадинај, за помалку од три години на власт, косовскиот премиер Курти и претседателката на земјата Вјоса Османи, ги поништиле успесите на Косово и ја вратиле земјата десет години назад. Харадинај додаде дека исклучувањето на Косово од „Defender Europe 20233“ е „аларм за националната безбедност“ на Косово и истакна дека „треба да си многу кратковид за да станеш непријател на целиот демократски свет во толку деликатно време.
Опозициската Демократска партија на Косово (ДПК) изрази загриженост поради неодамнешните настани во северно Косово, кои ја ставија земјата во опасна конфронтација со нејзините сојузници и особено со САД. ДПК побара од владата на Република Косово да го преиспита и промени својот пристап.
Со оглед на тежината и сложеноста на ситуацијата, како и тензијата што настана во северните општини од земјата, раководството на ДПК апелира до претседателот и премиерот на Косово итно да се свика Советот за безбедност.
– Раководството на Демократската партија на Косово изразува длабоко разочарување од некоординираните акции на Владата на Косово со стратешките сојузници на нашата земја, кои веќе почнаа да водат кон директни казни, со оглед на тоа дека Косово беше исклучено од најголемата меѓународна вежба на НАТО на Балканот „Defender Europe 2023“. Ова исклучување е конкретен знак за влошување на односите на Косово со САД и НАТО и е предупредување за други последици доколку владата на Република Косово не почне да се однесува одговорно, рече лидерот на ДПК Мемли Красничи во објавата на социјалните мрежи.
Красничи изрази загриженост за општата насока што Косово ја презема под водство на Албин Курти. Тој изрази поддршка за новоизбраните градоначалници на Зубин Поток и Звечан, кои се од редовите на ДПК.
ДПК најостро го осуди насилството на „криминалните групи“ врз војската на КФОР, косовската полиција и претставниците на медиумите при извршувањето на нивните службени должности. Опозициската партија ги повика косовските граѓани „да останат смирени и да не стануваат дел од какви било манипулации или насилни дејствија кои влијаат на редот, законот и демократијата во земјата или му се закануваат на Косово со долгорочни последици“.
Косовскиот премиер одговори на обвинувањата на опозицијата велејќи дека владата ќе стори се што е во нејзина моќ, но дека тој самиот нема да ја предаде „Демократска Република (Косово) на фашистичката милиција“. Курти ова го изјави денеска во интервју за Си-Ен-Ен, додавајќи дека со меѓународните партнери на Косово разговарал за ситуацијата на северот на земјата.
– Сите меѓународни фактори ги признаа изборите што се одржаа на 23 април. Кога се признати процесот и резултатите, градоначалниците треба да одат во општините. Кој друг да биде таму ако не градоначалниците. Тесно соработуваме со меѓународните актери, особено со САД и ЕУ, кои ги сметаме за многу вредни сојузници и партнери. Ќе дадеме сè од себе. Но, нема да ја предадам Демократската Република (Косово) на фашистичката милиција, изјави Курти за Си-ен-ен интернешнл./МИА