Oпштина Карпош ќе применува нови правила во урбанистичкото планирање

Сподели

 

Почнувајќи од денеска, 22. јуни, локалната самоуправа на Општина Карпош ќе се придржува кон новите правила во процесот на урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување.

Одредбите кои ќе се однесуваат на паркирањето, важат и за колективно домување, при што се утврдува дека:

  • Oпштина Kарпош нема повеќе да дозволува паркирање со помош на таканаречени платформи, туку исклучиво со рампи и тоа поврзани директно од сервисната улица кои ќе се спуштаат до гаражните места во објектот;
  •  Општина Карпош нема повеќе да одобрува проекти во кои паркирањето ќе биде прикажано со таканаречени „клацкалки“;
  •   Целокупното паркирање, за објекти од индивидуално и колективно домување мора да биде планирано под самиот објект. Доколку постои простор за гаражирање во рамките на самата парцела, тој простор нема да се земе во предвид, туку истиот ќе треба да биде резервиран за станарите кои имаат второ и трето возило, како и за гостите кои доаѓаат во предметниот објект.

Овие одредби важат доколку во индивидуалниот објект за кој се бара градежна дозвола има повеќе од две станбени единици.

Кај новите градби (особено за индивидуално домување), најголем проблем создаваат возилата кои не се паркираат во парцелата или објектот, туку истите остануваат на улиците и тротоарите и го загрозуваат животот на останатите граѓани од таа улица, (маало). Дополнителен проблем претставува второто и третото возило кое го поседуваат многу семејства, а со одобрението за градба не е предвиден простор за толку возила.  Истото се однесува и за возилата на гостите кои доаѓаат во станбениот објект, кој во случајот е предмет на одобрение за градба.

Во изминатиот временски период имавме вистинска наезда на претворање на индивидуалните градби,  во станбени единици за колективно домување. Таа тенденција одеше дотаму, што се одобруваа дури и до 15 станови, и покрај тоа што се работи за индивидуално домување.  Притоа, постоечката инфраструктурата и ширината на станбените улици, не можат да овозможат нормално функционирање и живеење ниту за граѓаните кои купуваат станови во тие објекти, ниту пак за останатите жители од тој реон.

Од тие причини, локалната самоуправа одлучи да се придржува според следниве правила:

  • Во урбанистички парцели кои се помали од 350м2 максимум ќе се дозволуваат до четири станбени единици.
  •  Во урбанистички парцели до 420м2 ќе се одобруваат максимум шест станбени единици.
  • Урбанистички парцели кои се поголеми од 420м2 ќе може да планираат максимум осум станбени единици.

Одредбите за паркирање под точка 1, 2 и 3 се однесуваат и за колективно домување односно целокупното паркирање мора да биде во објектот. Оттаму, евентуалниот простор  кој би се нашол надвор од станбениот објект во самата урбанистичка парцела, да се предвиди за зеленило и евентуално за паркирање на второ и трето возило од самите станари, како и посетителите кои доаѓаат во објектот.

Одредбите од овој правилник ќе бидат во важност од 22 јуни 2022 година и ќе се применуваат без исклучок, информираат од Општина Карпош.