Османи: Реформите ќе бидат испорачани – очекуваме конкретни резултати оваа година

Сподели

Бујар Османи денес, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, имаше брифинг со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија пред кои го претстави статусот на имплементација на Планот 18.

„Успеавме да ги затвориме буквално сите отворени политички прашања, оставајќи простор за поширока и подлабока имплементација на реформскиот процес“ истакна Османи на почетокот од состанокот, реферирајќи прво за успехот имплементацијата на Договорот од Преспа преку носењето на уставните амандмани во Собранието.

Во продолжение, Османи се осврна на досега реализирани активности од Планот 18, како и на предизвиците за неговата натамошна имплементација. „Имаме сериозен напредок практично во сите области од Планот 18: во правосудството, каде голем број закони се во финална фаза; во реформата на безбедносните служби, каде системот за прислушување е веќе соодветно одвоен од системот на безбедност и разузнавање; а напредок има и во активностите предвидени со реформите на јавната администрација“ – истакна Османи, изразувајќи задоволство од реализацијата на Планот 18 во сите области.

„Првиот работен ден од годинава беше свикан Работниот Комитет за Европски Интеграции, каде највисоката раководна структура на целата државна администрација реферираше за реформите од Планот 18, и лично сум задоволен од нивната посветеност“ истакна Османи, давајќи цврсто уверување пред амбасадорите дека Планот 18 ќе биде навреме спроведен, со цел неговата имплементација да биде соодветно нотирана во претстојниот извештај на Европската Комисија за земјава.

На крајот Османи изрази благодарност до амбасадорите на земјите – членки на ЕУ, за нивната поддршка на реформскиот процес, и воопшто, на европските интеграции на земјава, изразувајќи надеж дека оваа поддршка ќе резултира и со конкретни резултати оваа година, преточено во старт на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.