Во текот на изминатите 10 дена поднесени се 1.006 апликации за субвенции за инвертери, а остануваат средства за уште околу 4.000 барања. Според досегашните бројки, следната зима во Скопје би требало да има околу 1.000 домаќинства кои ќе го сменат начинот на греење, или кажано поинаку, ќе имаме околу 1.000 потенцијални загадувачи помалку од претходната грејна сезона. Ова значително ќе го подобри квалитетот на воздухот затоа што директно ќе влијае во борбата против загадениот воздух.
Досега по општини аплицирале: Кисела Вода 200, Ѓорче Петров 166, Гази Баба 136, Бутел 118, Карпош 105, Аеродром 98, Чаир 87, Центар 63, Шуто Оризари 23 и Сарај 10 граѓани.
Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ.
Град Скопје ги потсетува граѓаните од сите скопски општини дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, каде што граѓаните може да аплицираат онлајн.
Согласно со условите, на овој јавен повик може да аплицираат сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот.
Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот.
Новитет на овој јавен повик е условот граѓаните доброволно да ја достават (без надоместок) постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација која дополнително ќе им биде соопштена.
Доделувањето на субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата е дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.
Во многубројните истражувања коишто се направени за испитување на квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Инвертерите за разлика од печките на дрва, јаглен, нафта и мазут, се економични, еколошки, не користат фосилни горива, не го загадуваат воздухот, а создаваат конфорт и удобност во домовите.
Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе ги најдете на следниов линк https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020