Отворен нов дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години

Сподели

 

Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставници од Црвениот крст на Град Скопје денеска отворија Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години, што е сместен на улицата Пролет, број 39, до Веро Џамбо.

 

 

“Отворањето на Центарот за возрасни лица со попреченост го гледам како голем чекор напред во оваа сфера на дејствување. Активното учество на локалната заедница во обезбедувањето поквалитетен живот за сите наши сограѓани е клучно за развој на целата заедница. Градот Скопје во изминатиот период активно работеше на полето на социјалната заштита при што интензивно се вклучува и во процесот на деинституционализација кој е исклучително важен за овие граѓани. Обезбедивме 24-часовна нега од негуватели за лицата сместени во мал групен дом во Скопје. Овозможивме помош и нега во домот за лица со најтежок облик на интелектуална попреченост и комбинирани пречки од мултидисциплинарен тим кој е составен од доктор специјалист по семејна медицина, медицинска сестра, физиотерапевт, социјален работник, психолог, дефектолог и негуватели. Го поддржавме функционирањето на Центарот за лица со Даунов синдром. Овозможуваме услови за ангажирање помагатели на ранливи целни групи меѓу кои се и лицата со попреченост. Во соработка со Црвениот крст на Град Скопје годинава ангажиравме 12 помагатели да работат со 25 корисници од Скопје обезбедувајќи им ја негата и грижата која им е потребна. Очекуваме дека оваа активност ќе биде со зголемен обем во наредната година. Ова се само дел од нашите заложби да ја поддржиме и унапредиме деинституционализацијата во нашиот град, за да ја подигнеме свеста кај сите нас за значењето на еднаквоста во живеењето – рече денеска градоначалникот Шилегов.

 

 

Тој упати апел до сите општини во градот да го следат примерот на Општина Центар и на Црвениот крст и колку што можат поактивно да работат на полето на социјалната заштита, за Скопје да стане поудобно место за живеење за сите, без исклучоци. Шилегов им честита на избраните „волонтери на годината“ од Црвениот крст за желбата да се подаде рака на нашите сограѓани на кои им е потребна помош, за мотивот да се негува хуманоста и напорите кои ги вложуваат со цел да се унапреди инклузијата. Тој на наградените волонтери денеска им додели благодарници.

 

 

– “Токму овие луѓе се најдобар пример како се гради хумано општество и како се сака околината во која живееме. Да продолжиме заедно и понатаму во борбата за едно похумано и поинклузивно Скопје, затоа што градот сме сите ние и затоа што успехот во достигнувањето на овие цели зависи од секој од нас” – нагласи Шилегов.