Отвориен е пингвинариумот – новото живеалиште на пингвините во ЗОО, кој е наречен „Заливот на пингвините“.
– Со пуштањето во употреба на пингвинариумот на едно место ги имаме двата најегзотични и најпопуларни видови на птици – фламинга и пингвини кои за првпат се жители на нашата Зоолошка градина. Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2. Направен е и мал зелен кров за да се заштеди на електрична енергија. Граден е по светски стандарди и со идеални услови за овие јужноамерикански пингвини кои најлесно се адаптираат на нашата клима – рече Шилегов.
Тој додаде дека Градот Скопје ја финансираше изградбата на двете живеалишта за фламинга и пингвини кои заедно чинат околу 17,7 милиони денари денари, или околу 8,84 милиони по живеалиште.
– Градот Скопје и Зоолошка градина работат на поставување нови стандарди на квалитет и поголема благосостојба на животните, а оттаму и во иднина ќе бидат подобрувани просторните услови на живеалиштата – кажа Шилегов.
Исто така, Градот и ЗОО во континуитет работат и на едукација на посетителите, но и на облагородување на просторот со нови атрактивни содржини кои привлекуваат се поголем број посетители од кои голем дел се странски туристи.