ПАРИЗ (АА) – Поради големата загаденост на воздухот во Париз, денес приватните автомобили чии регистарски таблички завршуваат на непарен број не ќе може да влезат во градот, ниту во 22 предградија што го опколуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на гувернерот на Париз се соопштува дека дошло до измена во сообраќајот поради големата загаденост на воздухот во градот.
Во согласност со тоа, денес ќе можат да се користат приватни автомобили чии регистарски таблички завршуваат на парен број и електрични или хибридни возила. Ова е шести пат во последните 20 години да биде применета слична мерка.
Од друга страна, возилата чии регистарски таблички завршуваат на непарен број можат да бидат користени под услов да пренесуваат повеќе од тројца патници.
Освен тоа, денес ќе биде овозможено и бесплатно користење на средствата за јавен превоз.
Во соопштението се истакнува дека доколку не биде намален степенот на загаденост на воздухот, забраната за користење за дел од возилата ќе важи и утре.
Податоците на француската Агенција за управување со околината и енергијата, покажуваат дека возилата испуштаат две третини од емисијата на азот диоксид и 55 отсто од емисијата на штетни честички во Париз. Азот диоксидот што го испуштаат возилата на дизел, кај децата може да предизвика астма или болест на белите дробови.
На состанокот на градоначалници одржан во Мексико, управата на Париз вети дека до 2025 година ќе го забрани користењето на возила на дизел во тој град.