СДСМ и коалицијата поднесе осум приговори до ДИК, кои се однесуваат и на текот на гласањето, и на сумирањето резултати, барајќи поништување на гласањето во тие осум избирачки места и прегласување.
– Сметаме дека со дејствијата што се сторени на избирачките места за овие осум приговори се направени суштински повреди на избирачкиот процес, односно на утврдувањето на резултатите од гласањето – изјави претставникот на СДСМ.
Во приговорите се бара поништување на резултатите и прегласување на спорните избирачки места.
Според информацијата од ДИК досега до ДИК се поднесени 16 приговори.
Претходно и партијата Беса поднесе осум приговори кои се однесуваат на постапката за гласање, а дел се однесуваат на постапката за утврдување и сумирање на резултатите.
Приговорите на БЕСА се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Липково и Гази Баба.
Поднесување приговор врз основа на постапката на гласањето истекува денеска до 19 часот, но поднесувањето на приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите завршува вечерва до 24 часот.