Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги за Република Северна Македонија,  за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активности.

 

 

“Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.

Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.

 

 

 

Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.

 

 

И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм  и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно. За дел од нив чувме во најавата на почетокот, за дел сме имале можност да читаме во старите ракописи, во дел се имаме самите уверено со свои очи, но, бездруго има и делови кои допрва ќе ги откриваат генерациите по нас. Впрочем, манастирот, на радост на сите нас, продолжува да живее, да создава добрини и да остава вредности. Повеќе од убеден сум дека и во вториот милениум од своето постоење, традицијата ќе биде продолжена, а сите ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела, достојни за почит” – истакна претседателот Пендаровски.