Пендаровски го посети активистот Мисини кој штрајкува со жед и го потпиша указот на Законот за матична евиденција

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски го посети активистот Суад Мисини и го информирал го потпишал Указот на законот со кој се изменува Законот за матична евиденција на граѓаните.

“Утрово го посетив активистот Суад Мисини кој во текот на вчерашниот ден го започна неговиот штрајк со жед со цел да им помогне на нашите граѓани кои имаат проблем со личните документи.
 
Во разговорот го информирав деке веќе го потпишав Указот на законот со кој се изменува Законот за матична евиденција на граѓаните. 
 
Со овие измени им се овозможува на над 600 наши граѓани да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со бездржавјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи.
 
Посебно сакам да потенцирам дека е потребно што е можно поскоро да се направат измени и во Законот за живеалиште и престојувалиште со што ќе се овозможи на уште една ранлива категорија наши граѓани да извадат лични документи.
 
Апелирам до пратениците во македонското Собрание кои веќе работат на овој процес да го завршат час поскоро затоа што секој човек има право на достоинствен живот.
 
На крајот на разговорот побарав од Суад Мисини да продолжи со неговиот активизам на начин на кој нема да биде загрозено неговото здравје”, напиша претседателот Пендаровски на својот официјален ФБ профил.