Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претставници на Националната федерација на фармери на која беше запознат со активностите и заложбите на организацијата, како и предизвиците со кои се соочуваат младите фармери во руралните средини.
На средбата се разговараше за приоритетите на Националната федерација на фармери во чиј фокус, покрај земјоделството, е руралниот развој што опфаќа справување со предизвиците со кои се соочува руралното население, како што се сиромаштијата и ограничените пристапи до здравствени услуги, едукација, право и моќ на одлучување.
Претставниците на Националната федерација на фармери информираа и за преземените активности во насока на подобрување на условите на родовата рамноправност, како и регионално поврзување и комуникација со земјоделските здруженија и меѓународни организации и институции.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка за активностите на Националната федерација на фармери, особено за младите фармери и жените, како и нивно директно вклучување во развојот на земјоделството преку одлучување и активно дејствување. Во таа насока, на средбата беше истакната и потребата од вклучување на младите од руралните средини во процесите на креирање на политики за млади.
На средбата присуствуваа Васка Мојсовска, претседателка, Билјана Петровска Митревска, проектна менаџерка и претставници од младите фармери на Националната федерација на фармери, невладина и непрофитна организација која ги застапува земјоделците од сите региони на државата и сите земјоделски потсектори.