Пендаровски: Темелите на нашата држава се илинденски и антифашистички

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченоста што по повод 80-годишнината од Денот на народното востание, 11 Октомври се одржа во меморијалниот комплекс „Могилата на непобедените“ во Прилеп. Претходно, во рамки на чествувањето, претседателот Пендаровски положи цвеќе на Могилата на непобедените.

 

 
Денес имаме своја и слободна држава затоа што бевме дел од антифашистичката коалиција.
 
 
 
 
 
„Денес, кога низ целата земја го празнуваме Денот на народното востание, им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност. Пред малку и тука, во Прилеп се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. Овде стоиме меѓу осумтте урни на Могилата на непобедените, од кои највисоката и најубавата го симболизира вечниот пламен на слободата.
 
На 11 октомври 1941 година, борците на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го означија почетокот на народното востание, како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Континуитет, затоа што тие продолжија да чекорат по патеката на Илинденците. Меѓу партизанските одреди ниту еден не беше именуван според Маркс, Енгелс или Сталин. Наместо тоа, тие ги носеа имињата на македонските револуционери Даме Груев и Пере Тошев, Сандански и Влахов, Питу Гули и Добри Даскалов.
 
За поврзаноста со илинденското наследство, сведочи и следниот факт: кога ние денес зборуваме за првоборци, мислиме на партизаните кои први се вклучиле во борбата. Но, кога партизаните зборуваат за првоборците, тие, пред се, мислат на Илинденците. Тоа недвосмислено произлегува од зборовите на клучната фигура на народноослободителната борба, Кузман Јосифовски – Питу.
 
 
 
 
Неспорен историски факт е дека востанието во своите редови ги имаше речиси сите идеолошки струи на македонското ослободително движење. Во тој единствен фронт влегоа и антифашистите и демократите и комунистите. Во партизанските одреди пристапија и старите Илинденци, и Шпанските борци и напредните студенти. Меѓу нив имаше Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Евреи, Христијани, Муслимани и атеисти. За надидеолошкиот карактер на борбата зборува и фактот дека партизаните на слободните територии не инсталираа комунистички режим, туку создаваа нови органи на народната власт како никулци на идната слободна македонска држава. Тие органи ги избраа и делегатите за АВНОЈ и АСНОМ. Тие органи го избраа и Методија Андонов Ченто, кој иако не беше член на Комунистичката партија, стана прв претседател на президиумот на АСНОМ.
 
Годинава, кога одбележуваме 80 години од почетокот на народното востание, прославуваме и 30 години од независноста. Како и партизаните пред осум децении, така и граѓаните, во 1991-та, ја препознаа уникатната историска прилика и ја презедоа одговорноста за својата иднина. Наспроти сите етнички, верски, политички и идеолошки разлики се обединивме околу идејата за независна и самостојна држава.
 
Сега, водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата, Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет. Истовремено, со граѓанско и национално помирување, владеење на правото и со подигнување на квалитетот на живот, мора да ја вратиме надежта кај младите дека можат да се остварат во својата татковина.
 
Нека е за многу години Денот на народното востание! Да живее Република Северна Македонија!