Петар Георгиев-Калица е добитник на награда за животно дело „4 ноември“

Сподели

 

Добитникот на наградата за животно дело „4 ноември“ Петар Георгиев-Калица денес засади дрвце во Алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола, традиција која се негува веќе трета година по ред.

 

 

 

„Годинава ми беше мене редот како добитник на овогодишната 4 Ноемвриска награда за животно дело да засадам дрвце. Благодарност до Општина Битола што воспостави една ваква убава традиција и се надевам дека од  година во година традицијата ќе се надоградува и ќе биде потсетник за сите нас дека секој треба да даде придонес во изградбата на нова и европска Битола”, рече Калица.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска посочи дека оваа награда е своевидна потврда за се што годинешниот добитник работел, творел и создавал за сопствениот град.

 

 

„Трета година со ред засадуваме дрвце по повод 4 Ноемвриската награда за животно дело. Во оваа прилика му честитам на добитникот Калица кој со целокупното свое работење во изминатиот период остави неизбришлив траг во нашиот град. Убава традиција започнавме која сигурно ќе се негува и во иднина зашто на ваков начин оставаме траен белег и порака до идните генерации дека вредностите што се создаваат треба да се почитуваат”, истакна Петровска. 

За одржувањето на ова катче во градот се грижи ЈП „Комуналец“.

„Задоволни сме од позитивното однесување на граѓаните, бидејќи не ни ги уништија садниците оваа година. Беа таблите оштетени, но ние ги заменивме. Колку што се упорни оние кои оштетуваат ние ќе бидеме упорни да ги надополнуваме. Имаме идеја која ја разработуваме,овој простор дополнително да го оплемениме. Бараме и совети од стручни лица, архитекти, овај простор да добие лик каков што заслужува”, рече Панде Богоевски, директор на ЈП ,,Комуналец”. 

Досега, во Алејата на добитниците на наградата за животно дело на Општина Битола, се наоѓаат засадените дрвца на Виолета Томовска, добитник на наградата за животно дело во 2018 година, на Благој Стефановски, добитник во 2019 година и годинешното, на Петар Георгиев-Калица.